Време е Албанските политички партии од Македонија повторно да организираат заедничка средба и да донесат декларација која треба обавезно да ја наречат платформа.
Известувањето мора да биде од Тирана, за да се именува Нова Тиранска Платформа.
Новата Тиранска Платформа треба да гласи:
„Ние, Албанските Партии од Македонија, тука во Тирана, едногласно се согласивме дека Евро-Атлантските интеграции на Македонија треба да се финализираат. Спорот со името мора да се реши. Република Македонија треба да добие географска или временска одредница, која би била прифатлива за двете страни.
Ние Албанците, во никој случај нема да дозволиме било какви преговори за интимните и крајно чувствителни идентитетски прашања на нашите сограѓани Македонци.
Ние нашата Албанска иднина не сакаме да ја градиме врз несреќата на нашите соседи и сограѓани Македонци.
Сигурни сме дека и нашите Балкански соседи и Европски сограѓани Грци, не сакаат нивната светла иднина да ја темелат врз било чија крајна и екстремна несреќа.
Сигурни сме затоа што корените на Западно Европската Демократија и сите највисоки достигнувања на модерните човечки општества доаѓаат и почнуваат токму од славната Грчка Атина.
Сигурни сме дека од модерна и Европска Атина, ќе слушнеме широкоград, демократски и западно европски компромис, којшто е достоен за модерниот Балкански граѓанин од 21 век.
Сите заедно имаме потреба од напреден, перспективен и модерен добрососедски соживот. Нашата заедничка среќа нема да ја темелиме врз ничија несреќа“.
Толку (а можеби и пократко), треба да содржи новата Тиранска Платформа.
Албанците треба да дадат јасна поддршка за решението на проблемот со името и истовремено јасна поддршка за недопирливоста на чувствителните и интимни идентитетски прашања на нивните сограѓани Македонци.
Ваква (или слична) треба да биде содржината на заедничката изјава на сите Албански Партии во Македонија.
Овие се зборовите кои сака да ги слушне растреперената патриотска душа на нашите сограѓани Македонци, кои имаат потреба од нивните сограѓани Албанци.
Подоцна, секој албански политичар и интелектуалец, групно или одделно, може нашироко и попреку во приватни и јавни коментари да аргументира колку ваквата поддршка била заслужена или незаслужена.
Знам дека многумина ќе ми замерат.
Погледни ќе ми речат кон „Пејсажот број 2014“, енциклопедијата на МАНУ, глупавите провоцирања со новокомпонованите дешифрувања на Каменот од Розета, воведувањето на Хунзологијата како наставна програма во основното образование итн итн….
Зарем не гледаш, ќе ми речат, дека твојот предлог за поддршка е слон на стаклени нозе?
Би одговорил дека секогаш сум бил и ќе бидам против налудничавата антиквизација и секакви други агресивни и злонамерни државни политики врз албанските идентитетски прашања. Знам како боли кога некој ги шутира албанските идентитетски прашања, и затоа ги препознавам туѓите болки, но целиот овој аргумент припаѓа во „башка муабет“.
Не аргументирам дека поддршката е 100% заслужена, аргументирам дека е 100% потребна.
Сега е моментот да ги препознаеме новите реформски сигнали и сите одделно да ги реформираме нашите балкански инаети, во сите балкански народи и нивни држави.
Само така реформирани ќе заслужиме да бидеме равноправни граѓани на Европската Унија без граници, во која се пристигнува преку НАТО сега, и во оваа година.
Драги мои сограѓани Македонци, спијте мирно, вие не сте сами.
Вашите интимни и чувствителни идентитетски прашања се безбедни.