-Компанијата „Алкалоид“ во моментов работи со максимална искористеност на своите производни капацитети и човечки ресурси кои се на располагање. Направена е реорганизација на сите процеси со цел да се задоволат барањата на македонскиот пазар за лекови, дезинфициенси, медицински алкохол, антисептици и останати средства со антибактериско дејство, изјави во „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“ д-р сци. фарм. Стевче Ацевски.
Поради ситуацијата, приоритет на средствата за дезинфекција и хигиена се дадени на болниците, здравствените домови и институциите.
-Доставата до аптеките и дистрибутерите (ланците маркети) можно е во овој период да се одвива со мал застој но тоа е првенствено заради неумерените набавки од страна на домаќинствата и очекуваме дека наскоро истото ќе се надмине. „Алкалоид АД Скопје“ цврсто ќе остане на одлуката да не ги зголеми цените на ниту еден производ од било кој сегмент на своето производство независно од зголемувањето на цените на влезните суровини, логистичките и ресурсните предизвици со кои се соочуваме, вели Ацевски, кој додаде дека излезните цени на производите се дистрибуираат согласно ценовниците кои важат од 1 февруари 2020 година и ќе останат исти.
Фармацевтите кои се на првата линија во услови на пандемија, мора да бидат едуцирани и подготвени да се справат со ургентни ситуации.
-Фармацевтите се здравствени работници кои се во прва линија на удар во услови на прогласена пандемија. Затоа тие имаат значителна и клучна улога во спроведување на здравствените политики и планови за справување со пандемијата. Пандемијата значително ќе го зголеми морбидитетот и морталитетот кај населението, а со тоа автоматски ќе се зголеми побарувачката на лекови и помошни лековити средства во аптеките. Фармацевтите мора да бидат едуцирани и подготвени целосно да се справат со ургентната ситуација и зголемената побарувачка на нивните услуги, изјави Ацевски.
Тој смета дека ова што се случува ќе остави последици, но здравствените навики мора да се менуваат.
-Главната победа ќе ја извојуваме во моментот кога колективниот имунитет ќе се подигне над ситуацијата. Здравствените навики треба да се менуваат. Се менува технологијата и начинот на живеење. Живеевме во комотна зона. Ова што се случува ќе остави последици ќе мора да се смени начинот на живеење, рече Ацевски.