Ацевски: Потребен е нов закон за легализација кој ќе го реши овој урбан хаос

Со постојниот закон за легализација има 240 предмети решени од 100.000, многу одбиени барања и констатирање на нови безправно изградени објекти по донесување на законот од 2011. Во пракса не се постигна ниту половина од она што требаше да се случи во однос на легализирањето на дивоградбите, изјави Костадин Ацевски пратеник од редовите на СДСМ.

-Потребен е закон кој конечно ќе го среди овој урбан хаос. Овој предлог закон вчера се изгласа да биде на точка на дневен ред во една од наредните седници, се уште не дојдено до комисиска расправа, постои можноста за амандмани и подобрување на предлогот, вели Ацевски.

Пратеникот од СДСМ појаснува дека цената за легализација од едно евро квадарт ќе биде променета и покрај тоа што тоа не е популарна одлука, сепак ќе доведе до добар и реален закон со цел конечно да се решаваат проблемите во овој сектор. Ацевски вели дека ВМРО-ДПМНЕ ја поставила оваа цена поради изборите кои следувале во тој период и дека таа цена не е прифатлива за локалната самоуправа.

-Цената нема да е едно евро квадрат, туку ќе биде 50 отсто од надоместокот за уредување на градежно земјиште. Од плаќање на овој надоместок ќе се изостават лицата кои примаат социјална помош и објектите кои се во државна сопственост или единиците на локалните самоуправи. Едно евро квадрат беше воведено од страна на ВМРО-ДПМНе поради придобивање на гласови на изборите кои тогаш следуваа. Економски неиздржливо е за општините да се заврши целата таа работа за цена од едно евро квадрат, вели Ацевски.

Тој исто така ги демантираше обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека овој закон се носи со цел придобивки да имаат само луѓето од актуелната власт.

-Не држи теоријата дека ќе се решат проблеми на лица од актуелната власт, доколку некој сакал да остварува лични интереси тоа ќе го добиел по редовната цена односно едно евро квадрат, вели Ацевски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e