79 % од родителите во Македонија применуваат ќотек и психичко насилство во воспитувањето

Некои родители и кога се работи за воспитувањето на сопствените деца се повикуваат на старата добро позната „Ќотекот е излезен од рајот“ и успешно го спроведуваат. Некои, пак, не се ни свесни дека психички ги малтретираат децата. Како и да е, голема и алармантна е бројката на родители кои примениле насилни методи за дисциплинирање врз децата. 

Насилни методи за дисциплинирање на децата примениле 79 отсто од родителите во Македонија, опфатени со истражувањето што го спроведе УНИЦЕФ, а една четвртина од наставниците имаат ниска свест за психичко злоставување и лесни форми на физичко насилство. Според ова истражување, во Македонија седум од десет деца на возраст од 2 до 14 години дома се дисциплинираат со насилни методи, односно со физички казни и психолошка агресија.

Од УНИЦЕФ велат дека кај испитаниците постои верување оти насилните методи на дисциплинирање децата функционираат, односно 44 отсто од нив сметаат дека физичкото казнување е ефикасен начин за коригирање на однесувањето на детето, а 37 отсто го мислат тоа за психичкото казнување.

„Насилните методи на дисциплинирање на децата во домот се социјално прифатени и често на нив се гледа како на неопходен дел во воспитувањето деца, иако овие методи сериозно го загрозуваат развојот на децата и ги кршат нивните основни права. Со оглед на тоа што мнозинството од родителите, или 79 отсто изјавиле дека примениле најмалку еден насилен метод: психичко злоставување, лесно или тешко физичко казнување, може да се каже дека родителите и старателите од сите социјални, образовни и културни категории посегнуваат по насилни методи на дисциплинирање на децата. Поголема веројатност да бидат физички казнувани имаат оние деца чии родители, исто така, искусиле физичко казнување како деца“, вели Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ во земјава.

Извор: СДК

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e