Од 45-тата седница на Владата на РМ: Усвоени повеќе предлог-закони во правосудството, внатрешните работи и полицијата, и за безбедносните служби, како дел од Планот 3-6-9; Усвоена годишната програма на МРТ со забелешки за професионалноста за настаните од 27-ми април;
Владата на Република Македонија вчера ја одржа својата редовна, 45-та седница, со повеќе точки на дневниот ред од интерес на граѓаните.
На вчерашната седница се усвоени повеќе предлог-закони за измени и дополнувања на повеќе законски решенија кои се однесуваат на дел од легислативата во правосудството, внатрешните работи и полицијата, како и на регулативата за работата на безбедносните служби, како дел од итните реформи опфатени со Планот 3-6-9.
Согласно предвиденото, владата го разгледа и утврди Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за судовите. Донесувањето на овој закон има за цел да овозможи воведување на ефикасна контрола над работата на полицијата преку воспоставување на надворешен механизам. Со измените во законот ќе се овозможи Специјализираното судско одделение надлежно за судење на дела од областа на организираниот криминал и корупција за целата територија на Република Македонија во Основниот суд Скопје 1 во Скопје, да постапува по кривични предмети за кои, ново формираното Одделение за истражување и гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција, во рамки на Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција, има надлежност да спроведува кривична истрага и гонење за кривични дела кои се однесуваат на членовите 2 и 3 од Европската конвенција за човекови права.
Министерство за правда го предложи, а владата го разгледа и усвои Предлог – законот за дополнување на Законот за извршување на санкциитe. Со предложените дополнувања на законот се овозможува највисока можна објективност на истрагите за пречекорувањата на затворската полиција, заради обезбедување на непристрасна оценка во заштита на човековиот дигнитет.
Владата го разгледа и утврди Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за јавното обвинителство. Со предложените измени и дополнувања на Законот за јавното обвинителство се врши формирање на посебно Одделение за истражување и гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција, се предвидува неговата надлежност, формирањето на истражен центар, како и други прашања поврзани со ова посебно одделение.
На денешната седница Владата на РМ го разгледа и утврди Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за јавнообвинителска служба. Со предложените измени, кои произлегуваат од Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за јавното обвинителство и со кои се предлага во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција да се формира посебно Одделението за истражување и гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција, се предвидува во ова одделение, покрај јавните обвинители, да бидат вработени и јавнообвинителски службеници кои ќе бидат на ниво В1 и со позиција на јавнообвинителски советник-истражител.
На денешната седница владата го утврди и Предлог – закон за изменување и дополнување на Законот за кривичната постапка. Целта на предложениот закон е надминување на постојните недостатоци во областа на посебните истражни мерки, кои беа лоцирани во извештаите на меѓународните организации, а посебно беа обработени во двата извештаи на експертската група на Прибе.
На денешната седница е утврден и Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за внатрешни работи, со кој се предвидува дополнување на веќе предвидените механизми за надворешна контрола врз работата на Министерството (од страна на Собранието и Народниот правобранител – како досега воспоставени механизми), со дополнителен механизам во вид на посебно известување до Одделението за истражување и гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, во точно определени случаи.
Во рамките на овој пакет предлози за измени и дополнувања, владата го разгледа и утврди Предлогот на закон за изменување на Законот за полиција со кој се предвидува ревидирање на одредбата на членот 81, со која се уредени конкретни аспекти во рамки на употребата на средствата за присилба од страна на полициските службеници.
Со усвојување на предложениот закон ќе се овозможи содржинско и нормативно-правно усогласување на одредбите од Законот за полиција со решенијата предвидени во Законот за внатрешни работи односно пакетот прописи чија цел е вопоставување надворешен механизам за контрола на полицијата.
Владата денеска го утврди новиот текст на Предлог – законот за следење на комуникациите.
Со предложениот закон се врши реализација на препораките на групата високи експерти за системски прашања од владеење на правото во врска со следењето на комуникациите, а со тоа и унапредување на законските решенија со цел нивна соодветна практична имплементација.
Со овој закон се уредуваат постапката за спроведување посебна истражна мерка: следење и снимање на телефонските и другите електронски комуникации; условите и постапката за спроведување на мерките за следење на комуникациите заради заштита на интересите на безбедноста и одбраната на државата; обврските за Оперативно – техничката агенција и операторите, како и надзорот и контролата над спроведувањето на мерките за следење на комуникациите.
На денешната седница владата го утврди предлог законот за Оперативно-техничка агенција (ОТА), со одлука да го достави до Собранието на Република Македонија согласно член 137 од Деловникот на Собранието на Република Македонија.
Предлогот на закон за ОТА и неговото донесување произлегува од Планот за реализација на препораките на групата високи експерти за системски прашања од владеење на правото во врска со следењето на комуникациите (2015), како една од клучните активности во процесот воспоставување правна рамка чија цел ќе биде имплементација на национален модел во предметната област со кој ќе се овозможи реализација на препораките на гореспоменатата група високи експерти.
Со Законот за Оперативно-техничка агенција се уредува основањето на Оперативно-техничка агенција, надлежностите, раководењето, правата и обврските од работен однос на работниците во агенцијата, и стручниот надзор што Оперативно-техничката агенција го врши над работата на операторите и нејзиното финансирање.
На оваа седница е утврден и Предлог – закон за изменување и дополнувања на Законот за електронските комуникации.
Со предложениот закон се врши реализација на препораките на групата високи експерти за системски прашања од владеење на правото во врска со следењето на комуникациите, а со тоа и унапредување на законските решенија со цел нивна соодветна практична имплементација.
Предлог законот за измени и дополнувања на Законот за електронските комуникации се заснова врз начелото за заштита на моралниот интегритет и почитување на човековите слободи и права утврдени со устав, закон и ратификувани меѓународни договори.
Владата денеска го утврди и Предлог – законот за дополнување на Законот за класифицирани информации. Ова предлог-законско решение произлегува од Планот за реализација на препораките на групата високи експерти за системски прашања од владеењето на правото во врска со следењето на комуникациите (2015), и овозможува постапката за безбедносна проверка од трет степен за лицата назначени во надзорните тела кои вршат надзор над спроведувањето на мерките за следење на комуникациите, како и за ангажираните акредитирани национални и меѓународни технички експерти од тие тела, согласно Законот за следење на комуникациите, да трае еден месец од денот на поднесување на барањето.
Со овој Предлог на закон се предвидува и безбедносна проверка од втор степен за лицата пред засновање на работен однос во Оперативно – техничката агенција, согласно Законот за Оперативно – техничка агенција, да трае еден месец од денот на поднесувањето на барањето.
Владата ја разгледа и усвои Информацијата за пристапување на Република Македонија кон глобалното партнерство „Global Deal“ и да го задолжи Министерството за труд и социјална политика во рок од 5 дена од усвојувањето на оваа информација да ја спроведе постапката за пристапување на Република Македонија во глобалното партнерство „Global Deal“.
Целта на партнерството е изнаоѓање на заеднички решенија и заедничко справување со предизвиците од глобалниот пазар на труд, обезбедувајќи им на сите да имаат придобивки од глобализацијата. Партнерството претставува здружување на различни засегнати страни во линија со Целта 17 („партнерство за цели“) од Агендата за одржлив развој до 2030 година на ООН, но во линија и со Целта 8 за пристојна работа и инклузивен развој, како и Целта 10 за нееднаквостите.
Владата на РМ денеска ја утврди Предлог-одлука за усвојување на Годишната програма за работа на ЈРП Македонска радио телевизија за 2018 година и Предлог-одлука за одобрување на Финансиски план за 2018 година на Македонската радио телевизија. Оваа одлука е придружена со мислењето на владата во кое се истакнува дека ненавременото ставање на Годишната програма за работа на МРТ не е објавена согласно законот, го попречило обезбедувањето на влијание на јавноста врз вкупното работење на јавниот сервис, како и дека МРТ ги прекршила сопствените професионални принципи за сеопфатно информирање на јавноста со прекинот на директниот пренос од Собранието на Република Македонија на 27 април.
Владата на Република Македонија го разгледа и усвои Извештајот за спроведување на Законот за субвенционирање на станбен кредит, со Предлог – одлука за времетраењето на јавниот повик и бројот на јавни повици за пријавување на граѓани за добивање субвенциониран станбен кредит во 2018 година. Со донесување на оваа одлука, и во 2018 година ќе им се овозможи на граѓаните по поволни услови да дојдат до сопствен дом.
Владата на Република Македонија ја разгледа и ја усвои Информацијата за потребата од основање нова Национална установа „Анасамбл за албански народни ора и песни во Република Македонија“- Скопје и го задолжи Министерството за култура во рок од 30 дена да подготви и до Владата на Република Македонија да достави одлука за основање Национална установа „Анасамбл за албански народни ора и песни во Република Македонија“.