40-минутните обиди на лекарите во старата градска болница „Св. Наум Охридски“, да го спасат младиот Мартин Јанушев, завршиле без успех, објавија од министерството за здравство. Јанушев денеска околу 17 и 40 минути беше застрелан пред влезот на неговата зграда, во скопски Аеродром, а според очевидците, врз него било стрелано 4 до 5 пати во пределот на главата и вратот.
Веднаш по нападот случајни минувачи го однеле во болница, каде обидите да го реанимираат Јанушев, завршиле без успех. Неговите соседи велат дека не очекувале вакво нешто, а пред камерите сведочат дека Мартин бил мирен човек.
„Го слушнав истрелот, го знам детето, од него помирно нема. Начекано е пред да излезе“, вели еден од соседите.
Пред зградата на Јанушев, во близина на Ред кафе имаше засилено полициско присуство, а присутни беа и голем број на граѓани од околните згради. Од ОЈО Скопје велат дека работат на расчистување на настанот.
„Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје го раководи увидот на лице место во скопската населба Аеродром, каде попладнево беше застрелано едно лице. Дежурниот јавен обвинител издаде повеќе насоки и наредби за преземање на потребни дејствија, меѓу кои за прибавување на податоци, обезбедување на траги од лице место и за обдукција на починатото лице. Во соработка со МВР, јавното обвинителство интензивно постапува во насока на расветлување на кривично правниот настан и откривање на сторителот на кривичното дело“, велат од ОЈО.
Напаѓачот веднаш по настанот побегнал и во моментов сеуште е недостапен за органите на прогонот. Според последните неофицијални информации, на полицијата и е познат идентитетот на сторителот кој бил познаник на Јанушев.