Внатрешната контрола при Министерството за внатрешни работи утврдила сериозни пропусти во постапувањето на 39 полициски службеници во случајот со Ивана, која заедно со својата малолетна ќерка трагично го загуби животот по пад од зграда.
Од МВР информираат дека констатираните неправилности се однесуваат на начинот на постапување по претходно пријавено семејно насилство во семејството.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди го известил надлежното обвинителство, кое треба да утврди дали постои одговорност кај полициските службеници.
Случајот е проследен до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, каде ќе се оценува дали во постапувањето по пријавите има елементи на кривична одговорност.
Од Обвинителството информираат дека известувањето било доставено вчера и ќе биде распределено кај јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција.
Според претходните информации, во ова семејство подолг период биле поднесувани повеќе пријави за семејно насилство, по кои постапувале различни полициски службеници.
