Златко Марин за ФАКТОР: Ревизија на сите ДУП-ови во Аеродром по изборите

Можни ли се промени во општина Аеродром по 8 години власт на ВМРО-ДПМНЕ на локално ниво? Во оваа богата скопска општина битката за изборите започна многу порано со активностите на опозицијата и особено на новиот кандидат за градоначалник Златко Марин кој најпрво проблемите во Аеродром како и недостатоците на Коневски ги претставуваше преку општинската партиска организација. Сега истите ќе може да ги судрат политичките концепти на локални избори во општина каде драстично е зголемено загадувањето, каде се почесто се говори за непланска урбанизација мотивирана само од бизнис интереси и се поголеми проблеми со главните ресурси. Може ли Златко Марин да го спречи хет-трикот на Ивица Коневски кој претходно важеше за еден од најпопуларните градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ?

Фактор: Кој е вашиот главен мотив да се кандидирате за градоначалник на општина Аеродром. Вашиот противкандидат Ивица Коневски од ВМРО-ДПМНЕ владее веќе два мандати и досега имаше позитивни реакции за урбаниот лик на општината. Која е вашата главна предност на претстојните избори?

Марин: Јас се кандидирам за градоначалник затоа што квалитетот на животот во општината е драматично влошен, а јас имам план  како тоа да го подобрам. Прво, со непланско градење и трупање на згради во урбаното јадро на општината, се загуши просторот, се влоши квалитетот на воздухот и се оптовари инфраструктурата. Наместо урбанизација на неурбанизираните делови кои ги има во изобилство, Ивица Коневски заради бизнис интереси реши да гради во централниот дел на општината. Го знаете случајот со деветкатницата кај Мајчин дом за која имаше протести, но има и други такви. Резултатите од ова негово однесување се оптоварен канализациона мрежи и водовод, загадување на воздухот, оптоварен сообраќај и многу возила на мал простор. Второ, општината се дави во ѓубре, комуналната и јавната хигиена се многу лоши. Има диви депонии, но и сепарации на песок на само неколку десетици метри од населени места. Ѓубрето, депониите и сепарациите се недозволиви во урбана општина како Аеродром. И трето, локалната власт не направи ништо за поддршка на граѓаните за решавање на проблемот со согорување на нееколошки огревни материјали. Буквално ништо, ниту Град Скопје ниту пак општината, којашто издвојува многу малку средства годишно за екологија и животна средина. Заради лоша финансиска состојба на домаќинствата, но и слаба поддршка од властите, граѓаните се почесто се одлучуваа на согорување на штетни материјали и тоа придонесуваше за енормното загадување. Така што, навидум изгледа дека општината нешто сработила, но во суштина со својата негрижа и алчност за градежен профит, дирекно влијаеше за влошување на квалитетот на живот. И да не се лажеме, Аеродром беше урбано и зелено место далеку пред Ивица Коневски да стане градоначалник. Во Аеродром за осум години владеење тој не реши ниеден суштествен проблем. Изгради само една градинка, не изгради општинска зграда и уште плаќаме кирија, не изгради ниту затворен базен, не ги насочи парите кон граѓаните за субвенции и бесплатни услуги. Листата на ветени а нереализирани работи е долга.

Фактор: Што според вас е приоритет за општина Аеродром каде се регистрираше огромно загадување на воздухот и се почести се урбанистичките проблеми со неконтролирано градење?

Марин: Во мојот план за квалитетен живот има конретни решенија кои ќе придонесат за решавање на проблемите кои ги спомнав погоре. Прво, итно запирање на понатамошно градење во урбанизираниот дел на општината. Ревизија на сите ДУП-ови и изработка на нови по теркот на ДУП-овите позади Бисер и Ново Лисиче, кои се ремек-дело на урбанистичкото планирање. Новите населби кои ги направи Коневски немаат доволно или воопшто зеленило и немаат соодветни паркинг и сообраќајни решенија. Изработка на ДУП-ови каде еколошките стандари ќе бидат запазени до милиметар се нашата главна заложба. Второ, контрола и ревизија на целата канализациона и водоводна мрежа. Граѓните се почесто немаат вода или имаат слаб притисок во домовите заради преоптеретеност. Зголемување на капацитетите и строга контрола на приклучувањето се исто важни, недозволиво е Аеродром да има проблем со вода или канализација.

Трето, искористување на буџетот за капитални инвестиции. Веувале или не, досега Коневски и ВМРО-ДПМНЕ издвојуваа само 5% од буџетот за капитални инвестиции. За општина со 22 милиони евра годишен буџет, недозволиво е да чека централната власт да инвестира или градот Скопје. Ние ќе инвестираме а ќе ги намалиме трошоците за „услуги“ кои досега беа најголема ставка во општинкиот буџет.

Четврто, во соработка со централната власт и следејќи ја националната стратегија за борба против загадувањето, ќе се преземат конкретни мерки за решавање на овој проблем. Прво, треба јасно да се идентификуваат загадувачите. Ќе се зголеми контролата и инспекцискиот надзор на фирми и ќе се изготви регистар на загадувачи. Исто така мора да се регулираат сепарациите на територија на општина Аеродром, да се исчистат депониите и да се ограничат градежните активности.

Загадувањето во голем дел доаѓа и од согорувањето и огревот во домаќинствата. Токму затоа изработуваме план за приклучување на индивидуалните домувања за топлификација, како и силна финансиска помош, во соработка со централната власт, за енергетска ефикасност и соодветни огревни средства. На овој начин истовремено ќе се намалат трошоците за греење на граѓаните и ќе се отстранат дел од загадувачите. Исто така ќе овозможиме гасификација на училиштата, градинките и другите јавни објекти кои во моментот се градат на други деривати.

Секако, ќе посветиме и особено внимание на одржување и зголемување на зелените површини. Планираме изградба на парк-шуми и засадување на внимателно избрани видови дрвја, кои брзо растат и се исклучително ефикасни во прочистување на воздухот, што ги прави популарна мерка за борба против загадувањето секаде низ светот.

Целото интервју на Марин за “Фактор” прочитајте го тука.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e