Жителите на Старо Коњарево бараат да престане сечата на шумата над нивното село

Жителите на Старо Коњарево со протестен собир денеска побараа да престане сечата на шумата над нивното село на планината Беласица. Сметаат дека тоа е причина за загадување на водите кои доаѓаат од планината, но и стравуваат дека може да доживеат уште една катастрофална поплава како таа од 2004 година, кога селото беше затрупано со камења и отпад од планината Беласица.

Барањата на жителите, кои синоќа одржале собир, ги прочита Цветко Јакимов, кој истакна дека покрај неконтролираната сеча се соочуваат и со проблем на изградба на пат во шумата.

-Нема дрвна маса за експлоатација, а педолошкиот состав на тлото не овозможува никаков пристап до дрвната маса, а од местото Куманово со границата со Бугарија се наоѓа шума од габер, лешник и ниска букова шума, а западната страна е ограничена со стрмната страна на водотекот и карпесто тло на кое нема никаква дрвна маса за експлоатација. Самото земјиште во близина на изворите во местото Топлик е нестабилно, што се гледа од соголените површини од кои земјата се лизнала и со било какви градежни работи уште повеќе се пореметува статиката на земјиштето што доведува до потполно загрозување на снабдувањето на селото со вода, рече Цветко Јакимов.

На протестот присуствуваше и градоначалникот на Ново Село, Никола Андонов кој рече дека бараат од надлежните иституции да дојдат стручни лица и да видат дали е оправдано да се врашат такви активности над селото Старо Коњарево.

-Ќе направиме еден официјален допис до државната шумска инспекција, која има должност и обврска да дојде и да направи контрола и потоа да седнеме заедно и ќе разговараме, рече градоначалникот Андонов.

На протестниот собир говореа и други жители на селото Старо Коњарево кои се заканија дека нема да дозволат понатамошно сечење на шумата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e