Денеска започнаа активностите за изведба на спортско – адреналинскиот парк долж Кејот на реката Вардар, со почетна точка кај алпинистичката карпа, во Општина Карпош. Станува збор за нова, уредена зелена површина, спортско – рекреативна зона која ќе се простира на површина од 10.000 м2.
Општина Карпош за овој парк, преку Секторот за развој, аплицираше со проект во рамки на Проектот за локална и регионална конкурентност (ПЛРК), при што добиен е грант во висина од 38.100.000 денари. Оваа финансиска поддршка ја обезбеди Европската Унија и Владата преку Кабинетот на заменик претседател на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев.
Учеството на локалната самоуправа изнесува околу 5 милиони денари.
Во денешната изјава за медиуми, градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев се осврна на содржините кои ќе ги содржи паркот, како и за трајната придобивка што ќе се добие со неговата реализација.
„Во рамки на паркот ќе има ново, уредено зеленило на површина од 4.000 м2, 120 нови дрвја, како и: детско игралиште, фудбалско игралиште на песок со трибини, одбојкарско игралиште на песок со трибини, скејт парк, адреналински содржини, а оваа целина ќе биде заокружена со сквер што ќе се простира на површина од 140 м2.После долги години се создаваат нови „бели дробови“ на Карпош и на нашето Скопје. Во изминатите години, Карпош се соочи со сериозно узурпирање на јавните површини, но локалната самоуправа спроведува континуирани мерки за надоместување на изгубеното зеленило и хуманизација на јавниот простор.„“ – рече првиот човек на општина Карпош.