Со замена на уличното осветлување Општина Крива Паланка ќе заштеди 37 милиони денари

Во Општина Крива Паланка ќе се реконструираат 2.217 улични светилки. Тоа ќе заштеди 276 киловати енергија или преку 1,279 милиони киловат часови на годишно ниво што е околу 80 проценти од сегашната потрошувачка. Вкупната инвестиција на овој проект кој ќе се спроведува по принципот на јавно-приватно партнерство, согласно ЕСКО моделот, е 65.517.730 денари со вклучен ДВВ, а отплатата ќе биде на шест години или 72 месеца.

Како што беше речено по денешното потпишување на Договорот меѓу Општина Крива Паланка и „Македонски телеком“ АД Скопје, светилките ќе траат 100.000 работни часа или околу 23 години, а нето финансиската добивка за Општината ќе изнесува 37 милиони и 10.000 денари.

-Ги повикувам и останатите општини да го следат ваквиот пример. Воедно, сакам да упатам силна порака до граѓаните, компаниите, државните институции и општините дека енергетската ефикасност носи придобивки на повеќе нивоа, но пред се, ја намалува потрошувачката на енергија со што се намалуваат и сметките, увозната зависност, како и емисите на стакленичките гасови, рече министерот за економија Крешник Бектеши на прес-конференцијата по потпишувањето.

Според него, само со ефективни политики и мерки за енергетска ефикасност земајва може да ги зголеми заштедите на енергија.

-Проекцијата со сегашните политки покажува дека потрошувачката на примарна и финална енергија ќе се зголеми за 38 отсто и 55 проценти во 2040 година во однос на 2017-та како резултат на континуиран економски раст. Имајќи предвид дека земјава има ограничен потенцијал на лигнит и огревно дрво, мора да поветиме поголемо внимание на енергетската ефикасност, но и на обновливите извори, порача Бектеши.

Градоначалникот на Општина Крива Паланка информира дека уличното осветлување брои вкупно 2.355 светилки кои трошат 351 киловат или преку 1,5 милиони киловати на годишно ниво.

-Со планираната реконструкција ќе бидат опфатени 2.217 улични светилки при што се планира заштеда од 276 киловати или преку 1,279 милиони киловат часови на годишно ниво, истакна градоначалникот.

Како што беше нагласено на прес-конференцијата, на јавната објавена тендерска документација победува онаа ЕСКО компанија која на општините ќе им даде најголема заштеда на енергија, најкус период на враќање на инвестицијата, најголем животен век на светилките и најголема финансиска нето добивка за општината. Целокупната инвестиција ја сноси ЕСКО компанијата, како и одржувањето на опремата додека трае договорот. Општините ја враќаат инвестицијата исклучиво преку заштедата на енергија, а со тоа се во можност без финансиско оптоварување да добијат улично осветлување кое ги задоволува сите сегашни технички барања и стандарди.

Досега пет општини имаат спроведено ваков проект: Василево, Чешиново-Облешево, Македонска Каменица, Радовиш и Валандово, а заинтересирани се уште 22.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e