Во Матејче ќе се гради градинка со средства од МТСП

Во Матејче во општина Липково ќе се гради градинка со капацитет за згрижување 102 деца од нула до шест години. За изградбата и опремувањето на установата Министерството за труд и социјална политика намени 50 милиони денари. Договорот за грант за доделување на средствата денеска го потпишаа министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска и градоначалникот на Липково, Еркан Арифи.

– Како Министерство, посветено работиме на нашата агенда, која е и дел од владината програма, за изградба на нови и проширување на постоечките капацитети на детски градинки, изјави министерката Шахпаска, додавајќи дека покрај вложувањето во просторните капацитети, МТСП продолжува да инвестира и во унапредување на наставните програми и професионалните компетенции на вработените во градинките.

Градоначалникот Еркан Арифи информираше дека на територијата на општина Липково живеат околу 2200 деца на возраст до шест години и дека изградбата на оваа градинка во Матејче е вистински потег за нивно згрижување.

Грантот е дел од компонента 2 на Проектот за подобрување на социјалните услуги што го спроведува Министерството за труд и социјална политика со поддршка од Светска банка. Со средствата преку овој Проект досега се реконструирани градинки во Ресен и Боговиње, а во тек е изградба или реконструкција на уште осум градинки – во Кавадарци, Неготино, Кочани, Струмица, Пробиштип, Крива Паланка и во скопските општини Кисела Вода и Ѓорче Петров, во кои ќе се згрижат уште 1349 деца.

Липково е меѓу 17-те општини која аплицирала и ги исполнила условите од првиот јавен повик за доделување грантови за изградба на градинки и центри за ран детски развој. МТСП соопшти дека наскоро ќе биде објавен нов јавен повик за доделување грантови за проширување на постојните и изградба на нови градинки низ земјава.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e