Почетокот на проектот денес беше означен на официјален настан на кој присуствуваапретставници од општината, Центар за вработување, Меѓуопштински центар за социјални работи, Дневен центар за лица со интелектуална попреченост, раководни лица и психолози од СОУ “Ѓорче Петров”, ООУ “Јоаким Крчовски” и ООУ “Илинден”.
Градоначалникот Борјанчо Мицевски ги поздрави присутните и истакна дека проектот е промоција на инклузивното образование.
Општинскиот координатор на проектот, Елена Христовска, рече дека седумте образовни асистенти ќе им помагаат на учениците со пречки во развој за време на наставата.
-Асистентите ќе помагаат за подобро усвојување на наставните содржини, како и со нивните домашни и училишни задачи.Асистентите веќе од утре ќе бидат вклучени во наставата, а ќе ги обавуваат активностите во период од девет месеци во текот на учебната 2018/19 година, дневно по четири работни часа. Ангажиран е и еден социјален работник во Дневниот центар за лица со интелектуална попреченост, како и лица со оштетен вид кои се со 100% слепило, како масери ќе даваат услуги- релаксирачки масажи на стари и изнемоштени лица, информира Христовска.
Општина Крива Паланка оваа година учствува по трети пат во Програмата за Општинско корисна работа, претходните две години реализираше проекти за нега на стари лица во рурални населби, со кој првата година беа ангажирани 9 лица а опслужени беа 120 корисници, додека втората година беа ангажирани 15 лица за 170 крајни корисници.
Проектот „Цело е кога има се“ за седумте образовни асистенти ќе трае 9 месеци во учебната 2018/2019 , а ангажираните лица ќе примаат бруто износ по 9.000 денари за 20 работни часа неделно. Останатите две ангажирани лица, социјалниот работник и физиотерапевтот, ќе бидат ангажирани шест месеци, заклучно со 28 февруари 2019година, а ќе имаат ист износ надомест, 9.000 денари месечно.