Викендов во Europe House Крива Паланка се одржа концерт насловен како „Млади виртуози”.
На концертот со свои настапи се претставија младата, талентирана и наградувана пијанистка Инес Неделковска во класа на професорката Нина Костова-Јаневска со изведби на Моцарт, Лист и Брамс и виолинистот Каи Орлинов од соседна Бугарија во придружба од пијанистката Мариаелена Средева, исто така од Бугарија, која е и пијано советник. Каи во придружба на Средева изведе дела од Крејслер, Вијењавски, Сен Санс.
Концертот го следеа учениците од музичката паралелка при ООУ „Јоаки Крчовски“ од Крива Паланка, во класа на професорката Лариса Жулина-Митовски. Како што нагласи професорката Жулина-Митовски овој концерт е исклучителна можност за младите пијанисти од Крива Паланка да се запознаат со интернационални, искусни и талентирани изведувачи и да уживаат во нивната музика, но и непосредно да комуницираат, да учат и да се инспирираат од нив.
„Музициравме, се дружевме, разменувавме искуства и споделувавме љубов кон класичната музика нешто што сите нас нѐ обединува без разлика од каде потекнуваме и каде твориме. Основците од мојата класа имаа и успешно претставување на пијано за што добија пофални зборови и високи оценки од реномираните професори присутни на концерот.“ – вели професорката Жулина-Митовски.
„Концерот на младите солисти во Крива Паланка беше вистинско доживување за изведувачите и за присутната публика. Увидовме дека не секогаш е важна многубројноста на публиката туку нејзиниот состав, а тоа беа млади и талентираи ученици од класата на проф. Лариса Жулина-Митовски кои беа извонредна публика. Концерот доби нестандардна димензија затоа што спонтано во вториот дел добив желба да ги поканам и тие да се претстават со свои изведби. Како педагог можам да кажам само пофални зборови за нивната подготвеност и изведба за што е заслужна и нивната професорка“, рече професорката Гордана Јосифова Неделковска потенцирајќи дека се надева на соработка и во иднина.
Инес Неделковска (18) е млада македонска пијанистка од класата на проф. Нина Костова. Домашната критиката ја нарече “најтрофејното дете” во Македонија. Таа е добитник на први награди на повеќе од 20 интернационални натпревари ширум светот (Монте Карло, Италија, САД, Франција, Велика Британија, Германија, Шпанија, Јапонија, Швајцарија, Португалија, Казакстан, Русија и др. Како победник на овие натпревари, Инес добива можност да настапува во најистакнатите светски концертни сали, како што се: Карнеги Хол и Кауфман Центарот во Њујорк, Ројал Алберт Хол во Лондон, Театарот Росини во Италија, Филхармонијата во Париз, во Москва, Новосибирск, Монте Карло и многу други. За Инес е особена чест тоа што за прв пат ќе има можност да настапи на концерт кој е дел од програмата „ЕУсоТЕБЕ“. Задоволство и е што ќе настапи заедно со младиот виолинист од Бугарија Каи Орлинов кој што доаѓа од земја членка на ЕУ. Она што е заедничко за двајцата е тоа што тие со своите 18 години преку реализирање на концерти и натпревари во многу европски центри, се веќе одамна дел од европската сцена.
Виолинистот Каи Орлинов од класата на проф Благородна Танева е победник на повеќе натпревари за виолина во Бугарија, Грција, Србија, Казакстан. Настапувал солистички и со оркестар во Софија, Виена, Атина, Брисел и др. Тој го изразува своето задоволство што за прв пат ќе настапи во Северна Македонија и со голема радост ќе ги изведе делата од Ф. Креислер, Х. Вјењавски, К.Сен-Санс.
Концертот беше реализиран со поддршка на Делегацијата на Европска Унија Скопје преку проектот „ЕУсоТЕБЕ“ и Europe House заедно со Министерството за култура.