Доградбата на трговскиот центар во Штип од денеска и официјално е дивоградба. Целата постапка со која фирмите „Игедо“ и „Оаза“ добија градежни дозволи се враќа на почетокот, објави ТВ 24.
Според овој документ кој градоначалникот Илчо Захариев денеска го испрати до оштетените дуќанџии, општината постапува по одлуката на вишиот Управен суд, кој пред два месеци пресуди дека градежените дозволи биле издадени на незаконски начин. Ова доаѓа откако неколку незадоволни дуќанџии водеа двегодишна правна битка, докажувајќи дека не биле консултирани кога општината решила да дозволи надградба на трговскиот центар.
Кој ќе понесе одговорност што дозволи доградбата речиси да се заврши и покрај тоа што и министерството за транспорт и судовите наколкупати ги укинуваа решенијата за градба, одговор на ова прашање побаравме кај првиот човек на штипското обвинителство Ристе Бојаџиски. Не сакаше да говори пред камера, но во 15 минутниот разговор рече дека во моментов обвинителството работи по само една кривична пријава, за општинскиот градежен инспектор Билјана Финдаковска, но не и оние за нејзиниот поранешен колега Горан Тренчевски и градоначалникот Захариев, кој биле отфрлени.
Запрашан како ќе постапува обвинителството по одлуката на вишиот управен суд, обвинителот Бојаџиски не сакаше да коментира. Пред неколку месеци обвинителството ги отфрли пријавите против седум лица вмешани во доградбата на трговскиот со образложение дека ќе почека да види каква ќе биде одлуката на вишиот Управен суд. Дали сега, откако овој суд ги укина градежните дозволи, штипското обвинителство ќе најде елементи на кривично дело, обвинителот Бојаџиски не сакаше коментира.