Градоначалникот на општина Крива Паланка Борјано Мицевски реагираше на, како што вели, небулозите и лажните обвинувања искажани во прес-конференцијата на ексградоначалникот Арсенчо Алексовски.
„Генерален заклучок е дека истата е продукт на еден огорчен, поранешен властодржец и локален деспот, заплеткан во сопствената мрежа од криминални дејствија и активности за кои органите на прогонот водат повеќе постапки. Очигледно, сеуште желен да ја врати изгубената политичка моќ, тој за да го сврти вниманието од себе и од сопственото незаконито постапување, го впери прстот кон мене, како актуелен Градоначалник на Општината Крива Паланка, се со цел да го дискредитира моето досегашно работење, но и мојот интергритет како личност“, рече Мицевски на прес-конференција.
„Мотивот кај овој човек е повеќе од виндиктивен, одмаздољубив, а можеби и користољубив, кое нешто граѓаните на Крива Паланка го знаат и можат да го препознаат во неговата реторика, сеќавајќи се на периодот на неговото владеење и владеењето на неговата матична партија „Криминалниот картел на Никола Груевски“. Господине Алексовски! Граѓаните знаат и можат да препознаат разлика помеѓу времето кога Вие бевте Градоначалник и денес кога Градоначалник сум јас, преку односот и третманот кон нив, преку отвореноста и транспарентноста на Општината, преку искрениот и пред се човечки пристап кон работата и се она што јас денес го правам во функција на решавање на проблемите со кои се соочуваат граѓаните. Такво нешто во времето кога Општината ја менаџиравте Вие, ниту беше видливо, ниту пак можеше да се замисли“, порача актуелниот градоначалник Мицевски.
На Алексовски му порача дека неговото владеење ќе остане препознатливо и запаметено по, како што рече, неговиот арогантен однос кон граѓаните, кон институциите, кон бизнис заедницата и пред се кон вработените во општинската администрација, кои беа изложени на секојдневен невиден притисок и тортура, постојани рапортирања, навреди и омаловажувања, појаснувајќи дека тоа било само затоа што приватно и надвор од работно време и место имале сосема поинакви политички погледи и ставови од Алексовски.
„За тоа сведочат отказните решенија и отпуштањето на поголем број на вработени во Општинската администрација, како и поголем број на постапки на деградирање на дел од вработените и нивното вертикално уназадување со намалување на звањата на нивните работни места. За такво нешто ниту сте имале оправдување, ниту издржан правен основ, но затоа пак, сте имале доволно злоба и одмаздољубивост, истите да ги спроведете како такви и на тој начин директно или индиректно, преку манифестирање на злоупотребата на моќта и положбата која што сте ја имале во тоа време, на тие вработени лица да им нанесете материјална, но и огромна нематеријална штета.
Резултат на таквото Ваше самоволие и злоупотребата на Вашата позиција и моќта во тоа време е и судската постапка која ја споменувате во Вашата прес конференција, во која Општина Крива Паланка е тужена од страна на вработен во Општината, поради прекинување на работниот однос во однапред, од Ваша страна, добро испланирана и монструозно исценирана постапка. При тоа Вие сте ангажирале определено лице како доставувач во Општината, без со истото да засновате валиден работен однос во соодветна законски предвидена и спроведена постапка и кое лице без никакво овластување имало пристап до целокупната службена документација во Општината и до личните податоци на граѓаните. При тоа сте ја злоупотребиле Вашата службена положба и овластувањата, и сте иницирале дисциплинска постапка, а посочениот административен службеник добил отказ на работното место. По две првостепени пресуди на Основниот суд Крива Паланка, донесени во негова корист, со кои се поништува отказното решение и се налага истиот да биде вратен на своето работно место, вие преку Сваровски судството ја пролонгирате и обжалувате постапката до недоглед, со што генерирате непотребни трошоци по однос на плати, придонеси, камати, судски рочишта и адвокатски услуги. Дали и како ќе и објасните на јавноста од кој буџет и под кои услови ги договоривте услугите на адвокатското друштво од Куманово кое ве застапуваше во овој предмет со астрономски и баснословни суми. Да, жалбата беше повлечена од моја страна во консултација со правните служби на општината за да не се генерираат дополнителни и неоправдани буџетски трошоци“, – рече Мицевски.
„ Од тие причини, наместо да го вперите прстот кон мене, би требало да се запрашате дали Вие и Вашето нерационално и одмаздољубиво постапување во овој конкретен случај не е директна причина за создавањето на неоправдани трошоци за Општината кои требаше да бидат платени со парите на граѓаните. Таков е и случајот и со вработените во ТППЕ, но и ред други постапки кои се на ваша одговорност и ваш принцип и одлика на работа. Но затоа од опшптина, која ја наследив како задолжена и со поголем број на обврски кон економски оператори, со успешно менаџирање за само 2 години успеав да ги покријам сите долгови и минатата 2019 да ја завршиме со позитивен биланс од 11.000.000,оо денари.
Споменувате дека сте горди на Јавното Приватно Партнерство за изградба на новата општинска зграда. Доколку вредноста на самиот објект се анализира преку квалитетот на изведбата, за што сведочат оштетените инсталации, оштетените делови од фасадата, уништените плочки и влагата во канцелариите, и тоа за само 5 години од ставањето во употреба на зградата, тогаш Ве прашувам за каков светол пример за ЈПП зборувате и дали Вашата алузија за светол пример се однесува на квалитетот и функционалноста на предметот на ЈПП или на лукративниот елемент кој можеби постои. Зборувате за проект за општинска сала кој беше целосно блокиран и за која ако не платевме 1.000.000 денари позајмица немаше да биде завршен, за спортска сала која е изградена на сосем друга локација од првично предвидената, за асфалтирани 9 улици, ама со кредит од 51.000.000 денари.
Да и јас во изминатиот период асфалтирав, не 9 улици, туку многу повеќе улици и тоа: Осми октомври, Партизанска, Домачки Дол, во населба Мечковци, во населба Белево, Лисец, Климент Охридски, Херој Карпош, кон спортски центар, населба Единство, Прохор Пчински, Вардарска, Пере Тошев и други, и набавив 5 возила за Комуналец ама без денар задолжување. Во моментот постои инфраструктурна офанзива како никогаш до сега во селските средини и се асфалтираа или се асфалтирани патни правци кон с.Осиче, во с.Трново, Голема Црцорија, Конопница. Имаме реални проекти во воспитно образовните институции, капитални инвестиции. Да и сето тоа Господине Алексовски, јас го реализирам во две години од мојот мандат за разлика од вашиот кој траеше скоро 8,5 години. Ако ги споредите вашите први две години со моите две, несомнено сум поуспешен од Вас и тоа во целокупниот контекст на сето она што претставува функцијата Градоначалник и односот на Градоначалникот кон своите граѓани и заедницата.
Господине Алексовски, Вашето време заврши. Граѓаните за Вашите резултати Ви покажаа црвен картон на последните локални избори, а органите на прогонот допрва ќе покажат и ќе докажат дали зад фасадата на Вашето загрижено лице стои наивен и невин човек или перфиден лукративен рецидив од предходната криминална гарнитура. Граѓаните добро знаат и препознаваат чија политика и делување им гарантира кршење на основните човекови права и слободата, притисоци и уцени кон неистомислениците, диригирани и инструирани судски постапки, криминал и корупција, изолација на општестото и безперспективност, споменици и фасади…, а чија политика и делување им гарантира слобода, еднаквост, перспектива, зголемени плати и пензии, зголемени социјални трансфери, решавање на социјални права за најранливите категории на граѓани, вложување во модерна инфраструктура, вложување во креирање на бизниси и нови работни места, урбани катчиња и спортски терени за најмладите, создавање на поубава Општина за сите граѓани на Крива Паланка, но и стабилна, сигурна, просперитетна и интегрирана Република Северна Македонија во НАТО и ЕУ.“, вели Мицевски.