Не беше воопшто лесно актуелниот градоначалник на Карпош да ја раководи општината со затекнати минус 17 милиони евра на конто. За среќа, поради помошта од државата, како и доброто владеење, тој долг е намален на четири до пет милиони евра, истакна кандидатот за градочалник на Карпош, Душко Весковски, кој гостуваше во вестите на Сител телевизија. Тој вети повеќе зелени површини, решавање на проблемот со паркинзите и најави планска дисперзија на градежништвото кон другата страна на реката Вардар.
-Тоа е делот на Бардовци, Злокуќани, па се до делот на Визбегово. Имаме јасен план и јасна визија како да ја водиме општината во наредните четири години и верувам дека со помош на граѓаните во тоа ќе успееме, кажа Весковски.
Тој најави дека еден од предизвиците е и зголемување на капацитетите на градинките и изградба на две нови, бидејќи листата на чекање била долга.
-Како горчлив проблем го гледаме и паркингот кај Лептокарија и Млечен ресторан и тоа ќе треба да се реши во најкус можен рок. Сериозно ги разгледуваме и анкетите на граѓаните за тоа дали се за или против воведување зонско паркирање, заклучи Весковски.