Учениците од училишниот оркестар при кривопаланечкото основно училиште „Јоаким Крчовски“, под менторство на професорката Лариса Жулина-Митовски, изминатиот викенд имаа уште еден во низата бројни успешни и наградувани настапи.
Имено, изминатата сабота тие беа дел од Меѓународниот фестивал „Душата на Русија“ кој е во организација на Центарот за дополнителна обука на руски јазик „Озарение“-Скопје, со поддршка на претставништвото на руската амбасада во Република Северна Македонија, а се одржа во Музејот на македонската борба.
Учениците од оркестарот се натпреваруваа заедно со учесници од земјава, како и од Србија, Босна и Херцеговина и Грузија.
Својот талент пред присутните го претставија и го збогатија фестивалот со своите настапи и ученици од ООУ „Дитурија“ од кумановската општина Липково под раководство на проф. Флорим Зулфиу и проф. Милена Гиевска- Андоновска, ученици од Неготино под раководство на Павлинка Вељановска, ученици од Рускиот центар од Охрид под раководтсво на проф. Обухова и ученици од ООУ „Климент Охридски“ од Прилеп.
Фестивалот беше со натпреварувачки карактер, а учесниците се претставија во три категории: музички перформанс, драмска презентација и есеј на тема „Моите мисли за Русија“.
Основците од Крива Паланка се претставија со музички перформанс.
Фестивалот има за цел промоција и афирмација на руската традиција.