Учениците од четврто одделение од ООУ „Кочо Рацин“ денеска беа во посета на општина Центар. Проектот се спроведува по предметот „Општество“ на тема „Локална самоуправа“.
Учениците прашуваа, а градоначалникот на општина Центар Саша Богдановиќ одговараше. Децата се интересираа за прашања и проблеми од нивното секојдневие, но и за тоа како се станува градоначалник, како изгледа неговиот работен ден и кои се обврските. Имаше и прашања за зеленилото, кога ќе се поправат клупите, играчките и чешмите во паркот во Капиштец. Екипите на општината се на терен, одговори Богдановиќ, и ќе започне со реконструкција и обновување на урбаната опрема.
„Новото современо училиште во Капиштец ќе биде готово наредната година, ќе биде едно од најсовремените, квалитетно изградено и опремено според неопходните светски стандарди, а ќе има и базен“, одговори Богдановиќ.
Советникот Ружа Пачаџиева разговараше и им објаснуваше на децата како функционира и кои се надлежностите на единиците на локална самоуправа.