Убиениот велешанец Александар Ристовски, иако вработен како полицаец во СВР Велес, не бил почитувач на законот.
Ристовски, кој вчера беше избоден од 23 годишната партнерка со која живеел во вонбрачна заедница, во два наврати е осуден во Основен суд Велес условно, за две кривични дела.
За сообраќајка случена на 28 февруари 2010 година бил осуден за Тешки дела против безбедноста на луѓето во сообраќајот, откако возел со двојно повисока брзина од дозволената во град и удрил во шестмина тинејџери кои се здобиле со тешки телесни повреди.
Второто дело е сериозен физички напад кој обвинителството го завело како кривично дело изнуда. Ристовски при делба на имот на неговата невенчана партнерка ја напаѓал сестрата на партнерката. На јавно место ја давел сестрата и и се заканувал дека ќе и го скрши вратот. Потоа, две недели по првиот инцидент во септември 2016-та, ја нападнал жртвата и во нејзиниот дом и и се заканувал дека ќе ја запали со се куќата.
Убиениот бил полицаец од 2005 година.
Обвинителството утринава соопшти дека според истрагата, убиството настанало по вербална и физичка расправија меѓу убиениот и неговата 23-годишна партнерка. 40-годишниот Ристовски ја фатил за врат П.И. со намера да ја дави, па таа со нож го прободела во левата страна на градниот кош и тој починал. На барање на Обвинителството, на П.И. ѝ одредена мерка притвор во траење од 30 дена.