Граѓаните од Тетово и околината денеска протестираа низ улиците во градот против обложувалниците и игрите на среќа. Во Тетово, просечно на улицата Илинденска и булеварот Илирија речиси на секои 40-тина метри има по еден ваков локал. Иницијална каписла за денешниот протест беше отворањето на обложувалница спроти државниот Тетовски универзитет. Демонстрантите побараа ваквите објекти да бидат тргнати не само од очите на учениците и студентите, туку да се дислоцираат надвор од градот.
“Се обраќам до надлежните министерства, Министерството за финансии, Министерството за образование и наука, МВР, УЈП и општина Тетово, да го стопираат отворањето на оваа спортска обложувалница. Под два, да подготват закон, сите обложувалници и игри на среќа да бидат најмалку 3 километри од последната куќа од населеното место”, изјави Џемал Абдулаху, организационен совет.
“Гневен сум бидејќи пред мојата куќа се отвора казино. Се отвора пред домот кој на времето беше полн со студенти. Тука блиску е и најголемиот универзитет на Албанците во Македонија и две средни училишта, средното медицинско и земјоделското училиште”.
“Јасно е дека тоа го уништува семејството, а со тоа се уништува општеството и земјата. Казината не се надеж за нешто добро, туку прават младите да сонуваат дека ќе постигнат нешто без работа”, велат граѓаните.
Протестот го поддржаа и и од општината. Градоначалничката Теута Арифи, иако наиде на жестоки критики од демонстрантите, рече дека одговорноста е кај Министерството за финансии и оти општината нема никаква надлежност за регулирање на работата на обложувалниците и игрите на среќа.
“Нашите инспекции не се надлежни да донесат било каква одлука во оваа насока. Нашето барање како општина и како општински совет е дека тие не на 100 метри од училишните објекти, туку оддалеченоста од овие објекти и објектите од јавен интерес да биде 300 метри и општината да има свои надлежности, бидејќи такви надлежности не се предвидени”, посочи Теута Арифи, градоначалничка на Тетово.
Гласно против Владата протестираше и ректорот на Тетовскиот универзитет, Вулнет Ахмети, кој им порача на политичарите да се занимаваат посериозно со овие општествени девијации.
“Апелирам државните органи да станат сериозни, а исто и луѓето и да не седат таму како кукли. Не само да ставаат по една кравата зашто оваа девијација во општеството е на наша штета. Не само да излезе тука и да протестира колку да се рече, туку да преземе мерки таму каде што треба, бидејќи таа е потпретседателка на партијата и треба да биде одговорна”, изјави Вулнет Ахмети, ректор на ДУТ.
Врз основа на истражувањето на СКООП, познатите австриски обложувалници Новоматик АГ и Принцес Груп од Турција се најприсутни во Македонија. Само во 2009 година досега од Министерството за финансии се лиценцирани повеќе од 20 компании за игри на среќа со околу 70 локали за организирање на игри и покер. Во Тетово и околината има околу 50 казина и 150 спортски обложувалници, а има сомневање дека поголем дел од нив работат на црно. Во поддршка на протестите излегоа и двете опозициски партии Алијанса за Албанците и Беса.
Извор: Алсат