Спроведена акција за заловување кучиња скитници во Македонска Каменица

Врз основа на договорот склучен со ветеринарната служба од Куманово, во Македонска Каменица се спроведе уште една акција за заловување кучиња скитници. Со акцијата беа опфатени неколку локации во централното градско подрачје, како и во неколку населени места.

-Затекнатите кучиња скитници како во градот, така и во дел од населените места беа успешно заловени од страна на ветеринарната служба. Во понатамошниот третман кучињата ќе бидат сместени во стандардизирано прифатилиште, а ќе следува и третирање со вакцинација и кастрација, информираат надлежните.

Најавија дека до крајот на годината ќе следуваат уште неколку акции за заловување на кучиња скитници во градското подрачје и поголемите населени места во Македонска Каменица.

-Бидејки ќе следуваат уште вакви акции, ги замолуваме граѓаните да го пријавуваат присуството на кучиња скитници, за да бидат навремено третирани и со тоа да се одбегнат несакани последици по нивното здравје и безбедност, додадоа надлежните служби од Македонска Каменица.

Општина Македонска Каменица согласно предвидениот буџет за склучениот договор за заловување на кучиња скитници со Ветеринарно сточарскиот центар „Тодор Ангелов“ од Куманово, издвои 295 илјади денари.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e