Здравјето на граѓаните не може да трпи компромиси. Оваа битка или ќе ја војуваме сите заедно, како граѓани и како институции или сите ќе ја загубиме. А јас нема да дозволам оваа битка да биде загубена. Градот секогаш ќе стои пред и зад своите граѓани, порача градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов на денешната прес-конференција.
Време е конечно секој да застане зад своите обврски и да сноси одговорност за своето неработење. Барам ЈО веднаш да започне истрага за овој скандал што претставува опасност по здравјето на луѓето, а исто така барам и МЖСПП во целост и детално да го испита работењето на сите субјекти кои се под нивна надлежност, особено оние со дозвола за обработка на медицински и опасен отпад, рече Шилегов.
Градоначалникот Шилегов и главниот инспектор на Град Скопје, Мирослав Богдановски, денеска, обелоденија скандал со ужасна содржина која треба да го вклучи алармот на другите институции. Преку објавените видеа и фотографии јасно се гледа неодговорното и несовесно постапување со медицински отпад каде што кучиња скитници јадат човечки остатоци и крв што истекува во атмосферската канализација и се влева во реката Вардар.