Денес во просториите на ОО Црвен крст од Крива Паланка се одржа настан по повод завршните активности од проектот насловен како „Природата се менува-се менуваме и ние”.
Всушност,денес пред градоначалникот на општината, Борјанчо Мицевски и пред голем број пензионери и млади лица волонтери на Црвен крст беше прикажан видео материјал од сите спроведени активности поврзани со готвечките вештини,спремање на храна од рана возраст.Сето ова беше прикажано низ слики и текст. Младите волонтери истакнаа дека се среќни што биле дел од проектот,бидејќи научиле многу нови работи како и поучни лекции за менаџирање со храна.
Проектот “Природата се менува-се менуваме и ние” беше реализиран со финансиски сретства од буџетот на општина Крива Паланка, инаку сретства предвидени во програмата за помош и поддршка на здруженија и фондации.
По тој повод градоначалникот Мицевски од салата на Црвениот крст рече:
-Благодарение на овој проект кој го инициравте вие преку општинската организација на Црвениот крст,а го имплементиравте заедно со клубот на жените пензионерки, членови на клубот Достоинствен живот, заслужувате посебна почит и респект. Од аспект на тоа што готвењето е наша секојдневна појава, или потребата за храна,од друга страна со промената на генерациите кои што доаѓаат и динамичниот начин на живот,носат потреба да купуваме се почесто готова храна,а да ги избегнуваме оние кулинарски јадења што ги негувале нашите предци оставајќи ги во заборав. Во таа насока потполно оддавам признание на сите млади кои се потрудија да научат некои вештини од повозрасните генерации.
Тој воедно смета дека заедно со ОО Црвен крст, направено е уште едно хумано дело.
Станува збор за посета на стари и изнемоштени лица кои живеат сами, а на кои денес им беа врачени социјални пакети и храна подготвена од младите волонтери на Црвен крст.Во овој хуман чин самостојно се прилучи и градоначалникот Мицевски.Тој ги посети домовите каде што живеат старите лица, кои живеат сами и се зависни од нечија помош, подарувајќи им пакети со прехранбени производи. На тој начин градоначалникот Мицевски покажа голема почит кон луѓето кои се веќе во поодминати години. Беа посетени вкупно 15 домови на стари и изнемоштени лица.
-Во рамки на овој проект, ОО Црвен крст имаше бројни активности и тоа,стартување со пилот систем за редистрибуција на храна до социјално загрозените граѓани во општина Крива Паланка,како млади волонтери подготвуваа заеднички оброци во домовите на пензионерките, на тој начин директно запознавајќи се со вештината на приготвување на вкусна традиционална македонска храна. Всушност, главна цел на овој проект е создавање на локален одржлив систем за искористување на храна во насока да ги подобриме условите за живот на сите они од општината кои се социјално загрозени, или имаат потреба од помош од Црвениот крст-изјави Дарко Пешевски-Секретар на ОО Црвен крст од Крива Паланка.