„Пресушено“ шумското богатство на Осоговието – Климатските промени го земаат данокот

Боровинки, шипинки, шумски јагоди, планискиот чај, дивото нане, но и различни видови на печурки набрани низ шумите на Осоговието во кривопаланечко, преку извоз, завршуваат насекаде низ светот. Познати се по квалитетот и далеку прочуени како органски. Така било со децении, но во последниве години нештата се променети, за жал, на полошо.  Поради климатските промени од кои не е е поштедена ниту една педа од природата се намалува родноста и квалитетот на овие шумски плодови.

Изворите на планините пресушија. Боровинките се сѐ поситни, одредени видови печурки исчезнуваат, го снемува ориганото – планински чај како и чајот познат како црноврв кои често се бараат за лекување.

Негативното влијание на глобалното затоплување и тука е веќе воочливо, иако тешко може да се дадат прецизни податоци за штетите од климатските промени на одредено подрачје за краток период. Нема ниту точни прогнози за она што се очекува во иднина во однос на флората и фауната на Осоговските планини од кои дел се заштитено подрачје.

Во околината на Крива Паланка регистрирани се национално и меѓународно значајни видови од биолошката рановидност, потенцираат и од Македонското Еколошко друштво.

FotoJet (7)

Видови флора и фауна под ризик

77-годишниот Стојанче Костовски од Крива Паланка, дипломиран биолог, планинар и собирач на шумски плодови кој со децении „крстари“ низ Осоговието вели дека климатските промени се евидентни, а природата го дава својот одговор на истите.

– Боровинка по која е познат кривопаланечкиот крај е со намалена родност и квалитетот во последниве години.  Сушата е најголем проблем. Јаки извори пресушија горе на Осоговието, со години не може да се повратат, вели Костовски кој констатира дека особено оваа година беше катастрофа со температури од над 40 степени.

Тој тврди дека се губат видови, како на пример ориганото – планински чај, додека мајкината душица се уништува затоа што се бере со корен.

И печурките кои се берат на падините на Осоговските планини, а кои преку извоз може да се најдат и во италијанските светски познати гастрономски специјалитети се под закана од исчезнување.

– Вргањот поради високите температури во последниве две години постепено се губи, исто така и лисичарката која бара повеќе влага и посвеж воздух. Вргањот си бара ноќни температури од 10 до максимум 15 степени, за да може мицелиумот да се развива, но поради наглиот скок на температурите над 30 степени во рана пролет или доцна есен се случува катастрофа за вргањот. На нашево Осоговие, на пониски планини, вргањот ќе се изгуби, а има луѓе кои егзистираат од собирање на печурки, алармира Костовски според кој 70% од месното население со ниски примања од тоа егзистираат.

Од Македонското еколошко друштво велат дека конкретно за кривопаланечкиот регион немаат анализи за влијанието на климатските промени врз биолошката рановидност и затоа е тешко да се зборува без конкретни истражувања.

– Пет години е краток период за да може да ги видиме реално ефектите од промената на климата на даден простор, а уште потешко е да се процени без конкретни следења и анализи, велат од МЕД.

Костовски како долгогодишен „теренец“ вели дека промената на климата, односно овие лета кои, како што вели „жежат до неподносливост“, придонела и за исчезнување на некои видови риба во реките кои течат низ кривопаланечко.

– Поради атмосферско загадување, но и поради јаловишта од рудникот се губат видови риба. Се имаат изгубено мрената, пастрмка, останаа само купните видови и калифорниската пастрамка која е во вештачките базени. Клен нема со години, веќе една деценија. Порано гледавме јата на риби, сега е реткости да се види риба, појаснува Костовски.

FotoJet (8)

Според анализите на расположливите метеоролошки податоци за метеоролошките станици Штип, Кочани, Делчево, Берово и Крива Паланка, температурите во последните 30 години (1987- 2016) се за околу 0,4°С повисоки од оние за периодот 1951-1980 година, се наведува во Студијата за валоризација за предлог-подрачјето за заштита „Осоговски Планини“ во категоријата „Заштитен предел“, објавена во 2019 година.

Особен пораст се забележува од 1990 година па наваму, додека 1970-тите и 1980-тите се години на температурна стагнација. Според податоците, јасен е трендот на покачување на средногодишните температури.  Најголемо покачување има за летните месеци јуни, јули и август (околу 1°С), а во месеците ноември и декември воопшто нема пораст на температурите помеѓу двата периоди. Паралелно со покачување на температурите се јавува зголемено траење и интензитет на сончево зрачење вклучувајќи го штетното УВ зрачење, покажуваат истражувањата.

Ќе исчезне ли борот?

Освен исчезнувањето на видовите, шумите во овој дел од земјава често се заразени со „боров четник“ – инсект кој претставува најголема опасност за боровите насади за кој се знае дека е условен од климатските промени.

Дека има боров четник потврдува и планинарот Костовски.

– На боровите шуми во кривопаланечко им се заканува опасност од исчезнување, причина е боровиот четник кој поради климатските промени е сѐ пораспространет, вели тој.

borov_cetnik3

Според надлежните од Подрачната единица на „Национални шуми“ последните години во кривопаланечките борови шуми , боровиот четник се јавува  со интензитет на напад од 10-15%  во долните региони од 500- 600 метри надморска висина, додека на повисоки надморски височини има само поединечни дрвја кои се особено погодени и можат да бидат целосно покриени со гнездата.

И оттаму потврдуваат дека, поради глобалното затоплување и климатските промени, се случуваат сѐ почесто благи зими кои се причина за зголемување на овој штетен вид, особено во новоподигнатите борови насади.

– Пожарите и климатските промени се значаен  фактор за појава на боровиот четник  како и за други болести, габи, поткорници-инсекти, чии ларви под стеблото го јадат дрвото и доведуваат до негово сушење. Единствена поволност против боровиот четник се климатските услови и температурите кои во зимските месеци се спуштаат под нулата. Со тоа, по природен пат се намалувала неговата популација, појаснуваат од подрачното шумско стопанство „Осогово“ од каде велат дека постојат многу фитосанитарни и шумарски методи со кој популацијата на овој паразит може да се регулира.

– Дирекно загрозување на борот  само од овој штетник не е забележан, меѓутоа  гасениците на боровиот четник придизвикуваат голобрсти што доведуваат до физиолошко слабеење на боровите култури, кое понатаму овозможува и населување на други секундарни инсекти и растителни болести, чиј краен ефект е угинување на боровите стебла, велат стручните лица од кривопаланечкото „шумско“.

Треба да сме свесни дека шумата треба да се чува и штити како екосистем, зошто во шумата постојат многу животни кои претставуваат природни предатори и био-контролори на четникот.

– Најдобар ефект во уништувањето на боровиот четник е авиотретирањето со инсекцид кое  последен пат беше извршено во 2010 година на подрачјето на Крива Паланка со површина  од околу 2000 хектари. Во последните години во кривопаланечкиот регион се врши само постојан мониторинг од страна на шумочуварската служба при ЈП „Национални шуми“ и е во постојана координација со МЗШВ и ИДП службата при Факултетот за шумарски науки, пејсажна архитектура и екоинжинеринг „Ханс Ем“, велат од претпријатието.

„Модернизација на природата“

Иако Крива Паланка и околината отсекогаш важеле за еколошки чисто подрачје, нештата се менуваат.

Откако авио-коридорот ја промени рутата, наместо во јужните делови од земјава, да минува над кривопаланечко, очигледна е штетата кај земјоделците. Но, и Коридорот 8 кон соседна Бугарија кој е во изградба има негативни последици врз животната средина.

– Крива Паланка може да биде и најзагадена со пуштање на коридорот, со автопатот кој се гради. Зимно време ветрот знае да мирува, поради што смогот и чадот паѓа доле. Веќе се уништени шуми и пасишта, во делот кај Градец, Псача, дел од Петралица каде што пресечува патот, вели Костовски кој истовремено ги поздрави и акциите за пошумување за кои се надева дека ќе бидат успешни и покрај климатските промени.

И најавата за изградба на еден од најмодерните ски-центри на Царев Врв на Осоговските Планини, проект кој ветува многу за развој на туризмот и економијата во овој град, е потенцијална закана за природата доколку не се работи совесно.

„Во срцето на Осоговските планини, на надморска височина од 2.085 метри токму на Царев Врв, ќе се гради модерен ски-центар, кој ќе биде еден од петте на Балканот и ќе се градат ски патеки, жичари, ски лифтови, сместувачки капацитети, угостителски објекти“, најавија неодамна надлежните.

– Изградбата на ски-центар на Царев врв не е новина. Во рамки на процесот на дефинирање на заштитено подрачје на Осогово, на барање на општина Крива Паланка,  беа земени предвид и беа вклопени намерите за изградба на ски-центар на Царев Врв. Истиот секако ќе има влијание врз локалниот биодиверзитет, но немаме точни податоци за обемот на влијанието и последиците од активностите на терен. Но, со сигурност знаеме дека единственото наоѓалиште на видот осоговска гениста (Genista fukarekiana), ареалот на распространување на овој ендемичен вид се наоѓа на мала површина околу Царев Врв, велат од Македонското еколошко друштво.

117596377_1641863855989212_5780774385676971494_n

Костовски вели дека од земјоделска земја, ќе станеме увозници на храна, а се помалку вегетација ќе има на овие планини поради изградбата на викенд населбата.

-Храна нема да имаме. Најубавите делови ги заменија со индустриски зони, инвеститорите го собираат кајмакот, а на нас ќе ни останат бетони, вели Костовски кој нотира дека рекреативците често пати се неодговорни кон природата во која уживаат, па така оставаат смет зад нив.

Највисоките делови на Осоговските Планини се прогласени за заштитено подрачје од категорија 5 во 2020 година, а дали ќе се третираат како такви останува да покаже времето кое исто така е пресудно и кога станува збор за климатските промени кои се сериозна закана за овој планински бисер на македонскиот Исток.

Автор: Христина Стојановска

Оваа сторија е продуцирана со поддршка на регионалниот проект „SMART Balkans – Зајакнување на улогата на медиумите во справувањето со климатските промени“ имплементиран од Центарот за промоција на граѓанското општество (CPCD), Центарот за истражување и креирање политики (CRPM) и Институтот за демократија и медијација (IDM) и финансиски поддржан од Министерството за надворешни работи на Норвешка (НМФА). Содржината на сторијата е единствена одговорност на авторите и не мора да ги одразува ставовите на Министерството за надворешни работи на Норвешка (НМНР).

site-logo (1)

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e