Пописот ќе помогне при креирање политики за спречување на миграцијата и невработеноста кај младите во државава

Пописот меѓудругото ќе покаже и колкава е невработеноста и миграцијата кај младите, а со тие податоци власта ќе може полесно да креира развојни политики. Живееме во време кога високо образовани млади најмногу бегаат од државава, а ако правилно се употребат податоците од пописот, ќе се настојува да се обезбедат услови за живот што нема да ги тера младите да се иселуваат.

Ова беше заклучено на днешената онлајн панел дискусија „Што знаеме за младите и што ново ќе донесе пописот?“, одржана во рамки на Регионалнaта конференција „Одржливост на младинските организации во време на пандемија и по пандемија“, во организација на Млади инфо Интернационал.

Советникот за млади и спорт во Владата Ѓорѓи Тасев на дискусијата истакна дека пописот ќе даде информации за младите што ќе помогнат за понатамошната работа во креирање политики.

-Самиот процес на спроведување попис е нешто што го немавме две децении, нешто со што државата апсолутно не може да се гордее, тоа ни даваше нешто што би било буквално на слепо, без разлика дали станува збор за креирање на политики и имплементација на законот за малдинско учество и младинско учество, дали ни даваше податоци за тоа дали треба да се изгради ново училиште колку млади се иселиле… Тие податоци за жал ги немавме, а тоа е апослутно нужно, рече Тасев.

Според него, пописот е дефинитивно можност и шанса за креирање ефективни и инклузивни политики во областа на младите и, како што рече, по негово завршување ќе добиеме плус информации што ќе помогнат со одредени законски регулативи, како и прецизни анализи и оценки за младинскиот сектор за економија, здравство, животна средина.

Директорот на државниот завод за статистика Апостол Симовски, истакна дека пописот не е само просто собирање на податоци за тоа колку население има, туку напротив, претставува збир од многу други податоци со чија помош може да се добие целосна слика за секој поединец во земјава.

-Очекуваме, а и тоа е суштината на пописот, дека навистина ќе има ефекти од резултатите, даваме слика, еве на пример за невработеноста или вработеноста кај малдите меѓутоа даваме и потенцијална слика на сегашна и идна работна сила, рече Симовски.

Според него, дополнително ќе се обидат да соберат податоци и за нашите граѓани што се надвор од државата, за, како што рече, да знаеме што сме изгубиле.

-За жал на дневна основа, губиме многу население кое што мигрира во странство а најголем број од тоа население се младите. Живееме во период кога на пазарот на трудот се бара млад човек кој знае повеќе јазици, знае технологија и е високо образован, а таквите ни бегаат најповеќе, ако правилно се употребат овие податоци од пописот ќе ги обезбедат барем тие минимални услови за еден нормален живот во државата, за да може било кој човек кога имаме најнужни услови за живот да не размислува за заминување од државата, нагласи Симовски.

Димитар Низамовски, извршен директор на Младински образовен форум (МОФ), истакна дека голем дел од младите и воопшто не биле запознаени со тоа како игледа еден попис, бидејќи немале прилика во изминатите дваесетина години да бидат дел од вакваа статистичка операција.

-МОФ веќе десетина години спроведува анализи и истражувања, според кои може да видиме дека за жал или воопшто нема податоци до кои може да се допре или се тешки за пронаоѓање, тука станува збор во дел на транспарентност на отчетност на самите државни институции на локално или национално ниво. Се надевам дека токму пописот кој е една исклучително важна статистичка операција, ќе ни помогне пред се на нам, граѓанските организации но секако и на државните институции на државно и локално ниво, со оглед на тоа што ќе даде прецизен увид во сите податоци и ќе помогне во следните чекори на планирање, особено во областите како што се образованието, можностите за вработување, како и миграциските текови кај младите, рече тој.

Додаде дека младите биле особено погодени од ковид кризата, но дека немало увид во тоа колку и на каков начин влијаела кризата врз нив,

-Потребни се соодветни политики и во овој дел, меѓутоа не постојат фиксни податоци , па сме приморани поединечно да одиме по институции и некако да ги добиваме тие информации, со оглед на тоа дека институциите некогаш се прогласуваат за ненадлежни, па ја префрлаат одговорноста меѓу себе, така да кога ќе можеме на едно место да ги најдеме сите податоци за младите ќе може да се овозможи полесен пристап, а со тоа полесно креирање на мерки и политики, рече Низамовски.

Алберт Хани, директор на канцеларијата на РИКО во Северна Македонија, рече дека потребата од статистички податоци е голема, затоа што тие, според него, даваат конкретни насоки во однос на потребите на мпладите.

-За жал тоа не е лесен процес, бидејќи младите односно податоците за младите не ги наоѓаме на исто место, тие се некоординирани не можеме да ги најдеме на едно место и не само тоа туку тие се на некој начин раштркани, и ако сакате да креирате политика или да креирате некоја насока се соочувате со вистински хаос, изјави Хани.

На панел дискусијата исто така, беше заклучено дека младите не емигрираат само поради економски и социјални причини туку и поради културолошки фактори, односно целосниот амбиент за тоа како се прифатени во општеството е застрашувчки податок. Учесниците наведоа и податок дека секоја миграција на еден млад образован човек ја оштетува државата за околу 40 илјади евра.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e