Работник кој работел на зградата на Фудбалската федерација на Македонија, паднал додека бил на должност и починал на лице место.
Трагичниот настан се случил вчера околу 16 часот кога паднал кранот на кој стоел работникот кој бил задолжен за одржување на хигиената на прозорците во просториите на ФФМ.
Тој загинал откако паднал од зградата на ФФМ во Ново Лисиче на која работел.
Лекарите се обиделе да го ранимираат, но само била констатирана смрт.
МВР потврди дека лицето В.П од Скопје паднало и починало на лице место додека извршувало градежни работи на зградата.
„Денес, тежок несреќен случај ја потресе целата македонска јавност. Пред Куќата на фудбалот трагично згасна човечки живот!. Би сакале да изразиме благодарност до сите служби на итна помош кои во рекордно време пристигнаа на местото на немилиот настан, но за жал сепак предоцна за било каква интервенција. Благодарност и до вработените во стручната служба на ФФМ кои до доцните часови беа на располагање и даваа поддршка со сите расположливи средства. Фудбалската Федерација на Македонија и целото фудбалско семејство изразуваат длабоко сочуство до семејството и пријателите на работникот кој го загуби животот. Слава му!“, стои во соопштението кое вечерва беше објавено на социјалните мрежи на фудбалската федерација.