Во пресрет на новогодишните празници секоја општина во државата се разубавува и блеска во новогодишен амбиент, па така и општина Крива Паланка деновиве е посветена на украсувањето на градот. Имено, градот веќе речиси е целосно новогодишно разубавен.
Украсувањето на градот се вршеше согласно техничките можности на постоечката мрежа за јавно осветлување на градот. Всушност, украсен е дел од главната улица Свети Јоаким Осоговски на потегот Осички мост-Стара чаршија, со поставување на украсни елементи во вид на елки на постоечките метални столбови за јавно осветлување, на кои има можност за посебна инсталација на украсните елементи.
Плоштадот Карпошово востание беше дополнително разубавен и се поставени мрежи и новогодишна елка за радост на најмладите. Додека пак, централниот градски плоштад е разубавен со светлечки тела во вид на топки.
Украсувањето се врши од страна на надлежните во општина Крива Паланка со техничка помош на службите од ЈП Комуналец.
Овој новогодишен амбиент ќе го чини градот нешто од околу 250.000 денари, сретства кои се обезбедени од општинскиот буџет.