Велешкото Обвинителство оформи предмет по допрен глас за да се проверат информациите дека негувателка во детската градинка „Димче Мирчев“ – Велес им давала да пушат електронска цигара на децата од нејзината група.
„Во насока на испитување евентуални основи на сомнение за кривично дело запуштање и малтретирање дете, надлежен јавен обвинител издаде наредби и насоки до МВР за преземање дејства што вклучуваат да се извршат разговори со лица (вработени и родители) кои би можеле да имаат определени сознанија за настанот“, извести Обвинителството.
Се преземаат и други дејства, а предметот е во фаза на предистрага.
Претходно, родители на неколку деца тврдеа дека негувателката им понудила на децата да пробаат од нејзината електронска цигара. Директорката на градинката потоа изјави дека негувателката е суспендирана и за неа се води дисциплинска постапка. Од друга страна, како што беше објавено, негувателката во писмениот исказ изјавила дека настанот се случил ненамерно и дека децата посегнале по цигарата без нејзино знаење, која сепак била оставена на дофат. Останува Обвинителството да истражи.
