Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска беше меѓу жителите на кривопаланечките села Кркља и Градец во својот роден крај, каде традиционално се прославуваше големиот празник Свети Симеон Столпник.
-Овој празник има долгогодишна традиција на чествување од страна на кривопаланчани, народните собири се одржуваат повеќе од педесет години. Традицијата вели дека овој ден е важен за земјоделците бидејќи се одбележува завршувањето на собирањето на летнината, започнува есенското засејување, со што се заокружува годишниот циклус на работа на полињата. Во различни краишта на Македонија, има различни обичаи за овој празник, но едно е заедничко- пеењето на семето во црквите за богат род и чисто жито. Нека е за многу години овој убав ден!, порача министерот Николовски оттаму.
Инаку, преку Програмата за рамномерен регионален развој 2022, владата ќе инвестира 13 милиони за ова кривопаланечко село. Средствата ќе бидат наменети за проектот „Создавање на услови за рурален развој во село Кркља преку изградба на локална патна инфраструктура“, со кој ќе се асфалтира пат од близу 1.500 метри, и на тој начин, на населението во село Кркља ќе им се овозможи користење на расположливото обработливо земјоделско земјиште, како и создавање на предуслови за рурален развој кој е една од можностите за подобрување на условите за локален економски развој на село Кркља како и во општина Крива Паланка.
Село Кркља се наоѓа на левата страна по течението на Крива Река, на оддалеченост од 8 километри од градот Крива Паланка, во источен правец.