Денеска започна официјалната изградба на нов Градски пазар во Велес со вкупна површина од 4.172 метри квадратни, од кои 2.300 метри квадратни се наменети за продавачите на земјоделски производи. Пазарот е составен од шест дела, од кои четири ќе бидат сместени 19 дуќани, деловни објекти, канцеларии и два угостителски објекти на вкупно 638 метри квадратни, а во два дела од објектот ќе бидат сместени тезгите од покриениот пазар, паркинг просторот и улицата за доставување на стоки и рампата за полесен пристап до пазарот со вкупна површина од 2339 метри квадратни и партерно уреден простор пред влезот од 215 метри квадратни.
После долги години, Велес добива комплетно нов, затворен, модерен градски пазар, важен за велешани, но и за земјоделците од овој регион, истакна вицепремиерот за борба против корупција и криминал, за одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски.
Пазарот е по европски, најсовремени стандарди, посочи Николовски.
„Со ова, трајно се решава долгогодишниот проблем на земјоделците, продавачите и купувачите од Велес, но и целиот Вардарски регион.
Ги подобруваме условите за продажба на земјоделски производи, го олеснуваме пристапот до граѓаните, обезбедуваме раст и развој во секој дел од државата“, потенцираше Николовски.
