Николов ја посети градинката „Сончогледи“

Градоначалникот на Штип Сашко Николов денеска беше во посета на клонот „Сончогледи“ во населбата Сењак, кој е дел од градинката „Астибо“. Николов истакна дека во петте објекти на градинката „Астибо“ се реализираат повеќе проекти, со цел да се подобрат условите за згрижување на децата. Посочи дека со ребалансот на буџетот на Општина Штип, градинката „Астибо“ доби седум милиони денари.

-Дел од средствата се инвестираа во набавка на нафта, дезинфекциски средства, се постави нова заштитна ограда на објектот „Цветови“, којшто се наоѓа во населбата Осми ноември, во објектите „Бамби“, „Астибо“ и „Виножито“ се доставени нови детски креветчиња, масички, столчиња, како и постелнини за дечињата, а исто така се доопремени и кујните на сите објекти на градинката „Астибо“, рече Николов.

Директорката на градинката „Астибо“, Билјана Трајчевска, изјави дека преку проект од Владата добиени се и средства за обнова на прозорците на објектот „Сончогледи“, со што станува енергетски ефикасен објект.

-Фирмата која го доби тендерот за неколку дена ги заврши градежните работи, зашто сме многу благодарни, истакна Трајчевска.

Додаде дека е добро што идејата за имунизација на вработените во градинките против Ковид-19 е прифатена од Владата и Министерството за здравство. Идејата и иницијативата тргна токму од оваа градинка која, како што вели Трајчевска, била позитивно прифатена од сите директори на градинките во земјава и од страна на министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.

Состојбата со коронавирусот во градинките е нормализирана за разлика од пред еден месец.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e