Од локалната самоуправа на Крива Паланка ги повикуваат сите граѓани да дадат свој коментар и сугестија во врска со предложеното архитектонско решение за „Реконструкција на градскиот плоштад во насока на развој на туризмот“, што Општина Крива Паланка ќе го аплицира преку проектот „Крива Паланка – Источна порта кон Европа (Туристичка Фестивалска Атракција) во рамки на Вториот Повик за проекти – „Инвестиции на подгрантови во инфраструктурата поврзана со туризмот и поврзувања во дестинациите“ преку Единицата за спроведување на проектот „Локална и регионална конкурентност“ со средства од ИПА 2 програмата.
Јавна расправа за реализација на овој проект се одржа во вторникот, и на истата се дискутираше за сите аспекти на реализација на проектот. Присуствуваа претставници од општината, локалните институции, граѓани и сопственици на дуќани од овој реон на градот.
-Со проектот ќе се добијат и поголем дел простори за паркинг, на повеќе локации во околината на поголемите објекти, но и покрај пристапните улици, ќе се овозможи пристап до паркингот кај поштата од горниот крак на улицата, истакна градоначалникот Борјанчо Мицевски, според кој, ова е многу функционално, модерно архитектонско решение кое низ сугестиите и предлозите на сите граѓани ќе биде нешто со што ќе се промени комплетно ликот на централното градско подрачје.
Целиот проект инвестициски е вреден околу еден милион евра.
Вашиот коментар и/или сугестија можете да ги напишете на следниот ЛИНК на општинската веб страница krivapalanka.gov.mk