Оттука ја започнав мојата изборна кампања, од црквата Св.Петка и тука го дадов мојот збор, дека овој патен правец ќе биде асфалтиран, посочи градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски.
„Тука сум повторно денес, затоа што зборот е збор, и заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски и директорот на ЈП Македонија пат, Костадин Ацевски, го промовиравме завршениот проект што го ветив, асфалтирање на патот во село Луке.
Потврда дека никогаш не остануваме само на зборови, туку делата говорат за нас.
Поради тоа, задоволство е да сум токму тука, меѓу жителите на село Луке и гордо објавувам дека е финиширан уште еден капитален проект значаен за граѓаните на Крива Паланка, особено за жителите на с.Луке – целосно е обновен патниот правец од м.в. Спасена до село Луке во должина од 4,4 километри“, истакна Митовски.
Митовски нагласи дека Јавното претпријатие за државни патишта со програмата за 2022 година го финансира овој значаен проект за подобрување на патна мрежа во Крива Паланка со 16.3 милиони денари.