Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев денеска направија увид во градежните активности на сообраќајната инфраструктура во градот.
При посетата на булеварот „Теодосија Паунов“, каде што се градат пет кружни текови и претстои рехабилитација на коловозот во должина од околу 1,5 километар, беше нагласено дека со поддршка од државниот буџет, Општина Кочани реализира важни инфраструктурни проекти за подобрување на безбедноста во сообраќајот.
– За регулацијата на сообраќајот на овој булевар, Владата даде поддршка од шест милиони денари, а остатокот е обезбеден од Општината и ова е пример како партнерски се работи за подобрување на квалитетот на живеење. Во Кочани вака никогаш не се градело, ова е убав период за градот затоа што сите проекти што со години стоеле нереализирани, денес се во фаза на реализација. Вложувањето во сообраќајната инфраструктура ќе помогне во регулацијата на протокот на возила, но и за безбедноста, за да се избегнат сообраќајни незгоди, особено за заштита на пешаците. Парарелно со тоа, овој булевар е влезен во првиот повик и е избран изведувач преку програмата на Светска банка, а Министерството дава поддршка со која во наредните денови ќе почне целосна реконструкција на неговиот коловоз, како и на уште две улици во градот, истакна министерот Бочварски.
Градоначалникот Николчо Илијев нагласи дека со поддршката од владиниот буџет досега во Кочани се реализирани поголем број инфраструктурни зафати кои имаат капитално значење.
-Очекуваме со реконструкцијата на една од главните сообраќајници, на која има поголем број крстосници, да се намали опасноста од сообраќајни несреќи во кои имаше големи материјални штети и други последици. Со финансиска помош од Владата веќе го реконструиравме тротоарот од едната страна на булеварот, а од почетокот на идната недела очекуваме да почне рехабилитацијата на коловозните ленти од левата страна, истакна Илијев.
Министерот Бочварски додаде дека наскоро ќе почне реализацијата на проектот за изградба на објекти за сместување на околу 200 лица од ромската популација кои живеат во руинираната стара касарна во Кочани, како и на проектот за изградба на трета зграда со 35 станови за семејства од социјално ранливите категории.