Уште едно успешно претставување и признание за младите музички таленти од Крива Паланка, кои членуваат во оркестарот при ООУ “Јоаким Крчовски”, под менторство на професорката по музичко образование Лариса Жулина Митовски.
Имено, малата кривопаланчанка Лана Велковска на овогодишното издание на детскиот фестивал „Распеани срца“ во Штип го освои високото трето место. Таа ги импресионираше жирито и публиката со песната „Илјада лајкови“ , а инаку на јавноста и е позната по учеството на реномираниот детски фестивал „Златно славејче“ и неколкукратните настапи на „Распеано симитче“ во Крива Паланка.
Веќе втора година членовите на училишниот оркестар при ООУ „Јоаким Крчовски“ под менторство на проф. Жулина Митовски учествуваат на овој фестивал како солисти и вокални изведувачи и освојуваат високи признанија.
Минатата година ученичката Меглена Георгиева со песната „Докторка“ ја фасцинираше публиката со исклучителен настап, а како вокални изведувачи ученици од овој оркестар освоија награди, совршено интерпретирајќи ги популарните вокално-инструментални дела.
-Овие ученици членуваат во оркестарот при ООУ “Јоаким Крчовски” – Крива Паланка и постигнуваат резултати. Учениците кои посетуваат оркестар имаат можност да усвојат основни познавања за музичката писменост, да свират на музички инструменти, да ја зајакнат самодовербата при изразувањето и да ги почувствуваат резултатите од тимската работа. Свирењето инструмент или пеењето е одличен начин за ослободувањење од стресот и анксиозноста и им дава на децата одлична можност за креативно изразување, вели проф. Жулина Митовски која истакна дека е горда и на овој голем заеднички успех со ученичката.
Како што рече, ќе продолжи и во иднина да им биде поддршка на музичките таленти.
-Им честитаме на сите учесници на фестивалот, ги поттикнуваме да продолжат понатаму во нижењето успеси и во претставувањето на училиштата и на своите општини, а на организаторите им посакуваме уште многу успешни изданија на фестивалот „Распеани срца“, рече Жулина Митовски.
Инаку фестивалот има традиција долга 26 години и од своето прво издание до ден денес, со своите песни, ги освојува срцата на љубителите на музиката од сите генерации. Фестивалот секоја година со своето редовно одржување ја најавува есента.