Градоначалникот на општина Крива Паланка, Сашко Митовски, денеска оствари работен состанок со претставници од Центарот за социјални иновации „Блинк 42 – 21″ со кои се разговараше за процесот на воведување на дигитализација на јавните услуги на граѓаните.
-Во рамки на состанокот беше договорен начинот на воведувањето на новите иновативни дигитални алатки-мобилна и веб апликација, со цел подобрување и унапредување на двонасочната коминкација со граѓаните, порача Митовски по средбата.
Преку мобилната и веб апликација „мЗаедница“, општина Крива Паланка ќе воспостави директна комуникација со граѓаните, со која се овозможува двонасочна комуникација, се подобрува квалитетот на дел од услугите и се овозможува побрз и полесен пристап до информации за јавните услуги за граѓаните и сите релевантни чинители, а воедно се јакне процесот градење на довербата на граѓаните кон институцијата, додава тој.
Митовски порача дека работат на постојано подобрување на квалитетот, достапноста и брзината на услугите во интерес на граѓаните, и затоа општина Крива Паланка започнува со процесот на дигитализацијата на дел од јавните услуги.
-Ќе направиме се што е во наша надлежност, за да може овој систем адекватно да се презентира и во иднина успешно да се користи од нашите сограѓани, заклучи Митовски.