Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска го отвори 17-от Меморијален турнир во мал фудбал „Бранители 2001″ во Крива Паланка, што се одржува во чест на сите загинати припадници на МВР.
,,Најнапред дозволете ми да се заблагодарам не само за поканата денеска да бидам дел од овој настан, туку и за укажаната чест да го отворам овој традиционален меморијален спортски турнир посветен на споменот на сите наши загинати бранители“. – истакна министерот за внатрешни Спасовски.
“Во оваа пригода сакам да истакнам дека меморијалниот карактер на фудбалскиот турнир има крајно благородна цел, во името на ненадоместливата загуба на нашите бранители-херои. Цел која што во името на нашата совест и во име на највисоката вредност – човечкиот живот – треба постојано да не потсетува, како луѓе и како општество, никогаш да не заборавиме за жртвите и обврските кон нив“, нагласи Спасовски.
„Денеска во Крива Паланка, оддаваме почит на нашите бранители херои, на луѓето кои некогаш беа со нас и го дадоа животот за нашата татковина. Преку меморијалниот карактер на фудбалскиот турнир кој се одржува по 17-ти пат потсетуваме на вредноста на нашите бранители за целото општество и на нашата должност да не заборавиме на нивните жртви и на нашата обврска кон нив. Нека им е вечна слава.“ – порача Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски кој исто така присуствуваше на турнирот.
Инаку, министерот Спасовски пред свеченото отворање на турнирот, заедно со делегација од министерството за внатрешни работи положи цвеќе пред споменикот на Бранителите во кругот на Полициската станица Крива Паланка.