Новоизбраниот градоначалник на општина Пустец, Мала Преспа, Пали Колефски од Социјалистичката партија денеска и официјално го започна четиригодишниот мандат. На свеченоста на доделувањето на Уверението што му го врачи префектот на околијата Корча, Дори Спиролари, присуствуваше и досегашниот градоначалник Едмонд Темелко од Македонската Алијанса за Европска Интеграција.
– Благодарност до жителите на општина Пустец кои ми ја дадоа довербата,но сакам да нагласам дека новата функција за мене значи обврска кон сите жители, независно дали го дале или не гласот за мене. Максимално ќе се ангажирам заедно со моите соработници , во правец на подобрување на условите за живот, економски развој, намалување на невработеноста,со еден збор целиот мој капацитет ќе го вложам за доброто на општината и граѓаните. Тоа секако во координација и со помош и поддршка од Владата на премиерот Еди Рама- рече меѓу другото Колефски .
На изборите спроведени на 30 јуни Колевски освои 1.505 или 66,84 отсто од гласовите или 646 гласови повеќе од неговиот против кандидат Едмонд Темелко од Македонска алијанса за европска интеграција. Триесет и девет годишниот Колефски родум е од Пустец а живее во Корча, оженет, татко на две деца. Тој е дипломиран економист и беше вработен во Царинската испостава во Корча.