Ќе се формира Асоцијација на градови од пограничниот регион на Македонија и Бугарија

Наскоро ќе се формира Асоцијација на градови која треба да го олесни патот на пограничните општини за користење на средствата од ИПА Програмата за прекугранична соработка – оваа одлука беше донесена на работната средба на 30-тина градоначалници од пограничните региони на Македонија и Бугарија која се одржа во Куманово, меѓу кои и кривопаланечкиот градоначалник Борјанчо Мицевски.

На првата работна средба присутните градоначалници од градовите од двете страни на границата, ги искажаа своите очекувања и размислувања како би требало да се одвива оваа соработка, во која насока да се движи и како градовите да се насочат кон нови перспективи. Асоцијацијата и локалните самоуправи преку разни проекти подеднакво ќе работат на забрзување на одржливиот економски развој во прекуграничниот регион, на унапредување на социјалната интеракција и културната размена  како и на развивање и унапредување на квалитетот на животот во овие градови.

-Општина Крива Паланка ја поддржува иницијативата која е во насока на Договорот за добрососедство потпишан од  премиерите на Р.Бугарија и Р.Македонија, Бојко Борисов и Зоран Заев, кон крајот на минатата година.  Ова можеби ќе биде прв ваков успешен пример за официјализирање и  давање на правен субјективитет на асоцијација на општини од два погранични региона. Границата не е физичка пречка и бариера, туку предизвик за постигнување на повисоко ниво на пријателство и соработка на општините од Бугарија и Македонија, рече градоначалникот Мицевски.

Тој истакна дека Крива Паланка е една од општините со најголем процент на искористени срeдства од програмата ИПА за прекугранична соработка.

На средбата во Куманово, присуствуваше и заменик- амбасадорот на Бугарија во Македонија, Даниела Бодинова која потенцираше дека она што е договорено меѓу двете влади треба да се применува на локално ниво меѓу општините, постетувајќи на потпишаниот договор за добрососедство и нагласи дека Бугарија со сите сили ќе ѝ помага на Македонија, вклучително и дека бугарските општини ќе им помагаат на македонските.

Заменик- министерот за локална самоуправа, Дејан Павлески потсети дека двете министерства остваруваат одлична соработка и дека имало заеднички проекти и  создадени реалции меѓу општините, администрациите и граѓанскиот сектор.

На средбата беше донесен заклучок во кој е наведено дека ќе се информираат регионите од двете држави да назначат технички лица кои ќе работат на правната регулатива, а администрациите на Куманово и Ќустендил ќе отпочнат со подготовка на конститутивното собрание на Асоцијацијата кое ќе се одржи во Ќустендил.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e