Под мотото „Донирај новогодишни пакетчиња за дечиња! Ајде и годинава сите заедно да се собереме и повторно да израдуваме многу дечиња кои не се во можност да добијат новогодишен подарок“ во Крива Паланка се организира хуманитарна акција за собирање на новогодишни пакетчиња.
Минатата година беа поделени над 400 новогодишни пакетчиња во градот и околните села, во Домот за ученици „Боро Менков“, во Центарот за лица со посебни потреби…
-Со цел повеќе насмевки и детски радости, во пресрет на Новогодишните и Божиќните празници да се собереме колку повеќе можеме и да направиме хуман гест! Претстојниот период секој кој е во можност, може да нѐ контактира и да донира новогодишни пакетчиња кои ќе бидат наменети за нашите најмали сограѓани, чии семејства се социјално ранливи, велат организаторките на акцијата.
Собирањето трае до 20. декември, по што подароците ќе бидат доставени до децата.
-Добредојден е секој! Подадете рака за што повеќе детски насмевки!, порачуваат организаторките.
Понекогаш и мал гест или симболична донација е доволна за некој да се почувствува среќен, а празниците се идеален момент за тоа! Биди и ти нејчиј Дедо Мраз!
