Градоначалникот на Општина Крива Паланка Борјанчо Мицевски, како град низ кој поминува ултра маратонот низ Коридорот 8, денес потпиша Декларација за поддршка на иницијативата на маратонецот Красимир Георгиев.
Oваа Декларација за поддршка на бугарскиот маратонец ќе ја потпишат и премиерите на Бугарија, Бојко Борисов, на Северна Македонија, Зоран Заев и на Албанија, Еди Рама.
Мотото на ултра-маратонот е „Поврзување” и истиот е под покровителство на премиерите на Бугарија, Бојко Борисов, на Северна Македонија, Зоран Заев и на Албанија, Еди Рама, и има цел да ја промовира важноста на проектот за транспорт низ Коридорот 8 и добрососедската политика на овие лидери.
„Голема чест и задоволство е да се поздрави овој голем потег на маратонецот Красимир Георгиев, кој на ваков начин реши да го промовира Коридорот-8. Ова е иницијатива за поздравување и искрено се надевам дека добрите временски услови ќе ве следат до крајот на вашиот план за да успеете во вашите намери. Ние како општина го следиме трендот што Владта на РС Македонија го спроведува во насока на зголемување на инвестициите во изградбата на патната инфраструктура, за што зборуваат актуелните проекти на кои интензивно се работи, изградбата на експресниот пат од Крива Паланка до Ранковце, исто така се активира и втората траса на желазничката пруга од Бељаковце до Крива Паланка, како и рехабилитација на постоечкиот патен правец од Ранковце до Крива Паланка и изградба на трета лента од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир. Сето ова што заеднички го правиме со Владата е во насока на подобрување на патната инфраструктура и полесното поврзување со соседна Бугарија, подобривање на социоекомската состојба и бизнис климата, како и промоција на самиот регион и Коридорот- 8.“ – изјави градоначалникот Мицевски на средбата со Красимир и младите спортисти кои се прилучија во овој несекојдневен спортски настан.
Красимир Георгиев пред кривопланчани изјави дека основна цел е, со овој маратон да се подобри обединувањето на луѓето од Бугарија, Македонија и Албанија, бидејќи со добра комуникација и желба, се е достижно.