Инспекторатот на Град Скопје вчера изрече 93 казни за паркирање на јавни површини и зеленило во најавената акција против уништувањето на блоковското зеленило во населбите Карпош 3 и Карпош 4. Дополнително, пајакот и сообраќајната полиција имаа уште 24 подигања и дополнителни казни за посетителите на Сити Мол за познатиот „Black Friday”.
„Секоја година на овој ден граѓаните од околните згради на Сити Мол се жалат на уништени тревници, тротоари и урбана опрема, како и оштетени возила и дрвја. Затоа, градскиот инспекторат оваа година најави акција за казнување неколку дена однапред која заврши со досега рекордни бројки. Градските и општинските служби повторно ќе ги реконструираат тревниците, но апелираме на поголема одговорност од граѓаните и посетителите на околните трговски центри“, велат од Град Скопје.