Над 60 љубители на видео игри од Македонија вчера се натпреваруваа во неколку видео игри на меморијалниот гејминг турнир „Никола Поповски – Ниџо“ кој беше проследен од голем број гледачи, кои со своето присуство дадоа поддршка за „гејмингот“, ваквиот вид на дружење и натпреварување.
Трите локации на кои се одвиваше вчерашниот турнир беа Insomnia и ODAX, во кои играчите се натпреваруваа во видео игрите Call of Duty и Mortal Kombat X, и Каша Бар каде „гејмерите“ се дружеа и ги следеа натпреварите на видео бим.
„Втора година по ред ја пренесуваме љубовта кон видео игрите и нивниот потенцијал за зближување на луѓе. Една од главните цели ни е да ја пренесеме дружбата која ние ја имавме со Ниџо на пошироко ниво и среќен сум што можам да кажам дека оваа година тоа успеавме да го направиме. На турнирот учество земаа тимови од Битола, Крушево, Велес и други градови, кои во пријателска атмосфера се натпреваруваа. Видео игрите и интернетот имаат потенцијал да зближат луѓе со слични размислувања, а веќе години наназад сѐ повеќе се зголемува оваа заедница од луѓе кои имаат иста пасија“ – велат Иван Кикеров и Бошко Чичаковски, организаторите на меморијалниот турнир. Меморијалниот гејминг турнир „Никола Поповски – Ниџо“ се одржува втора година по ред во чест на прерано починатиот Никола Поповски, а покрај оддавањето почит на близок пријател на уникатен начин, една од главните цели и пораки кои ги пренесува овој турнир е демистифицирање на негативната стигма околу видео игрите и нивните играчи.
„Оваа година ја имавме честа да ја играме една од ретките успешни македонски друштвени игри “Small Star Empires”, создадена од Милан Тасевски, основач на Archona Games (Аркона Гејмс). На турнирот гостуваа и претставници од SEAVUS – Едукативниот центар и нивната програма за 3D game design и македонски видео игри дизајнирани од нивните студенти. Како и во светски рамки, во последните неколку години гејмингот во Македонија доживува огромен подем.“ – велат организаторите.
Професионалното натпреварување во видео игри го носи името “Esports” (електронски спортови), а на глобално ниво во 2018 година оваа индустрија е процената на околу 1 билион долари, додека се предвидува до 2021 година оваа бројка да се искачи на 2,5 билиони долари. Врвните играчи на овие видео игри се сметаат за професионални атлети и добиваат визи еднакви на професионалните фудбалери, кошаркари, ракометари или било кои други врвни спортисти. Огромната бројка на гледачи и љубители кои ги следат овие натпреварувања дополнително додава на афиримирањето на натпреварувањето во видео игри како спорт, а бројката на гледачи до 2021 година е предвидено да се искачи на 250 милиони љубители на ваквиот вид натпреварувања.