Шаховскиот велемајстор Роландо Кутиров , актуелен селектор на шаховската репрезентација на Македонија, денес одигра симултанка со Кривопаланчани. На иницијатива на општина Крива Паланка во атриумот на спортската сала во ООУ”Јоаким Крчовски” заинтересираните , вкупно 25-мина граѓани, имаа несекојдневна можност да се надигруваат со велемајсторот.
Градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски на почетокот го поздрави велемајсторот, посакувајќи му успех со националната селекција на Македонија на претстојната шаховска Олимпијада, а и самиот беше еден од учесниците во симултанката. Рече, задоволен е од интересот, учесниците можеа да се пријават без ограничување на возраста. Најмлад учесник беше единаесетгодишниот Ѓорги Цветковски, додека највозрасен, со 83 години, беше Евто Ангеловски.
-Ова е иницијатива која сакаме да прерасне од следната година во викенд турнир какви што ќе има вкупно 12 на ниво на државата.Едниот турнир би се одржал во Крива Паланка, а на крај сите најдобри финалисти од овие викенд-турнири би настапиле на финален турнир во Скопје или некој друг град. Крива Паланка имаше шаховски клубови, но тие згаснаа. Една од интенциите е да ги натераме младите да се заинтересираат за шахот, да не се занимаваат со виртуелни игри на компјутер и телефони, туку вака реално, на шаховска табла, рече градоначалникот Мицевски.
Кутиров ги поздрави учесниците и изрази задоволство за интересот кај Паланчани за шах.
Градоначалникот најави дека планирано е следната година ќе биде реализиран меѓуопштински и меѓунационален турнир, со покана на учесници од Бугарија и Србија, со цел создавање услови за развој на шахот на локално ниво.
Сите учесници добија признанија од општина Крива Паланка за учество на турнирот, а од име на општината градоначалникот Мицевски му додели плакета на Роландо Кутиров.