Традиционално, шеста година по ред, на вториот ден од Велигден Крива Паланка е домаќин на манифестацијата „Велигденска традиција“.
Манифестацијата и годинава се одржа во дворот на локалната установа Градски музеј, Крива Паланка, а ја организираат Градски музеј и локалната самоуправа на општината.
И годинава на штандови беа изложени индивидуални и групни декорации со разни велигденски мотиви, поврзани со традицијата, a изработени од вештите раце на најмалите кривопаланчани од детската градинка Детелинка и од двете основни училишта од градот, како и од штитениците од Центарот за дневен престој на лица со нетипиен развој. Присутните ги забавуваа учениците од кривопаланечкото средно училиште со свои велигденски изведби.
Од изложените велигденски декорации беше избрана и наградена најубаво декорираната композиција, а традиционално се одржа и натпревар во најцврсто јајце.
Во чест на Велигденските празници утре во кривопаланечкиот дом на култура ќе се одржи Велигденска фолклорна средба на која ќе се претстават КУД Осми октомври и КУД Ефрем Каранов од Кратово. Настанот е со почеток од 19ч, а влезот е слободен.
Фотографија: Стојанче Величковски