Традиционалната културна манифестација “Велигденска традиција” која по петти пат се одржа во Крива Паланка на вториот ден од големиот христијански празник Велигден, и годинава собра повеќе стотици граѓани и туристи во дворот на локалната установа Градски музеј, Крива Паланка,
Околу шестотини украсени јајца и над двесте Велигденски декорации со празнични мотиви беа изложени на манифестацијтаа која ја организираа ЛУ Градски музеј и локалната самоуправа на општината.
-Манифестацијата ја организираме традиционално на втор ден Велигден,а истата е можност креативните експресии на граѓаните да бидат претставени и забележани. Тоа е и всушност улогата на културните, па и на образовните институции , рече Драган Величковски, директор на ЛУ Градски музеј.
На посебни штандови беа изложени индивидуални и групни декорации со разни велигденски мотиви, поврзани со традицијата, специјалитети , посни и празнични, подготвени од образовните институции: градинката Детелинка, основните училишта и гимназијата, останати институции, кои според критериумите на жири комисијата добија награди во три категории.
Поединечна декорација: трето место СОУ Ѓорче Петров, второ-Игротека Анифил и прво, ПОУ Јоаким Крчовски од село Огут.
Групна декорација: трето место е Дневен центар, второ-ОЈУДГ Детелинка и првонаградена е “Велигденска идила” од Јоаким Крчовски.
Најубаво украсено велигденско јајце е прогласена изработката на Викторија Ѓоргиевска, второнаградена е Јагода Ангеловска и трето место-Катица Борисовска.
-Велигденските празници се денови кога го славиме воздигнувањето и воскресението Христово и верувајте, во животот само оние кои знаат што е мака, што е трпение , знаат да ги ценат добрините и убавините во животот. Во таа чест посакувам среќни празници на сите и посакувам добро здравје и убавини за секого, порача градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски.
Традиционално се одржа и натпревар во најцврсто јајце, беа пријавени 65 учесници, а победник е Никола Тасков, додека посебна награда доби и Никола Николовски кој на натпреварот во кршење на јајца успеа да победи дури 53 конкурентни, но беше совладан од најуспешниот-Тасков.
Сите победници на крајот добија и подароци од општината и музејот.