Двајца го преживеале нападот во Топаана во кој беа убиени две момчиња

Две момчиња го преживеале нападот во Топаана во кој беа убиени двајца нивни пријатели, а на убиство му претходела драма низ скопските улици која завршила на булеварот Македонско Косовска Бригада, дознава 24 Инфо.

Во нападот загинаа Африм Б.(28) од Железара и Бурим В.(24) од Синѓелиќ, кои, како што претходно објавивме, се возеле во автомобил „цитроен Ц2“, сопственост на трето лице. Двајцата беа пронајдени мртви во автомобилот во петокот околу 3 часот на излезот од улицата број 5.

Според извори во истрагата, во „цитроенот“ имало уште двајца, кои успеале да се спасат. Четворицата неколку часа пред нападот се возеле во автомобилот, кој бил сопственост на близок роднина на еден од убиените.

Неофицијално, возејќи се низ градот забележале сомнителен автомобил, но не биле сигурни дека ги следи. Возењето завршило во Топаана на споредната уличка пред излез на булеварот, кога четворицата одлучиле да застанат. Кога сфатиле дека погрешиле го стартувале возилото, но не успеале да избегаат. Убијците со „калашников“ и пиштол го изрешетале предното ветробранско стакло и совозачката страна на „цитроенот“, по што избегале со автомобилот.

Како што веќе објави 24 Инфо, еден од двајцата бил убиен на совозачкото место, а другиот најверојатно се обидел да избега, но не успеал. Тој бил пронајден паднат до автомобилот од страната на возачот. Двајцата кои седеле позади имале среќа, или, пак, не биле цел на нападот бидејќи куршумите завршиле во совозачката врата и во шофершајбната.

Тие излегле од автомобилот, чиј мотор работел и кога дошла полицијата, па избегале. Двајцата по неколку минути, откако биле на сигурно се јавиле во полицијата и го пријавиле случајот, но пукањето веќе било пријавено од соседите. Преживеаните разговарале со полицијата, која, засега, нема нови информации за случајот.

Според извори поврзани со истрагата, двајцата убиени се поврзани со криминалната банда „Беланоца“ на покојниот Џељал Ајети-Џељо. Ајети беше убиен во 2013 година во својата чајџилица во Ченто, а во 2018 година беше убиен и неговиот брат Наим, додека се возел на улица Рузвелтова.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e