Ако татко ми не пукаше ќе настрадаше дел од семејството со гаранција. Денес ние ќе бевме мртви. Беше подготвен и сопствените деца да ги убие, кажа Јове Ѓоргиевски, син на осомничениот битолчанец Тони Ѓоргиевски-Фердо (62) на денешниот мирен протест пред Основниот суд во Битола, на кој битолчани побараа слобода за него со образложение дека си го заштитил семејството.
И двајцата синови на убиениот Стојанче Соколов денеска им се придружија на стотината битолчани кои ја бараат правдата и слободата за Фердо (62), кој во одбрана на својата ќерка го уби својот поранешен зет.
Тој пред пред два дена со пиштол го уби невенчаниот зет за ќерка Стојанче Соколов (44), откако тој им упадна насила во куќата со мачета во рацете и им се закануваше. Вчера Основното јавно обвинителство (ОЈО) Битола донесе наредба за спроведување истражна постапка и побара притвор за Ѓоргиевски. Тој е осомничен за убиство од член 123 став 1 од Кривичниот законик, зашто со умисла го лишил од живот Соколов.
Синот Јове рече дека починатиот Соколов, кој добро ѝ е познат на полицијата како прекршител на закони, 20 години ги малтретирал неговото семејство. Пред да се случи убиството, ѝ се заканувал на неговата сестра и таа заедно со двете деца утрото побегнала кај татка си.
-Убиството се случи во самоодбрана, дојде со намера да не отепа. Проблемот го имавме повеќе од 20 години, а пријавувавме во полиција. Ние не криеме ништо, ќе ја кажеме целата вистина, а се е снимено безбедносните камери кои ги имаме дома и снимката ќе ја покажеме. Татко ми си ја бранеше фамилијата, бидејќи пред да се случи ова сестра ми имаше закани и од својот дом буквално со трчање дојдоа кај нас. Немаше друго решение јас бев буквално до татко ми, кога ја скрши вратата видов зомби, не човек, не нападна со ножот, пукна татко ми со пиштолот, падна на земја и толку, а за одредениот притвор на татко му додаде:
-Ако сакавме има бегство немаше лично да повикам полиција и брза помош, никој не виде, а сами пријавивме. Ако не пукаше татко ми, сега ќе имаше многу жртви, и татко ми и јас и другите, а убиениот беше подготвен и децата да си ги отепа. Сакам одговор од судиите како би постапиле тие кога би гледале дека некој ви го напаѓа чедото и сака да го отепа.