о овој проект се решава деценискиот проблем на граѓаните на Јурумлери кои со децении немаа канализација и е еден од најголемите што се реализира во последните 20 години во Општина Гази Баба, истакна вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи при денешниот увид во изградбата на вакумска фекална канализација со пречистителна станица во село Јурумлери заедно со градоначалникот на Општина Гази Баба Борис Георгиевски.
Изградбата на фекалната канализација во Јурумлери е еден од 94-те проекти во земјава кои се реализираат преку ТАВ програмата. Се одвива во три фази од кои првата ја финансираше Општина Гази Баба, втората се финансираше со средства од Светска банка, а третата со средства од ТАВ програмата во вредност од 40 милиони денари. Со него е опфатено целото населено место и конечно септичките јами одат во историјата.
-Во рурална средина денеска гледаме урбано решение кое докажува дека грижата за граѓаните е пред се. И овој проект од ТАВ програмата како и другите се вистински пример за грижата на Владата за реалните секојдневни проблеми на граѓаните, рече Битиќи.
Најави дека Владата и во иднина ќе продолжи да ги поддржува општините и додаде дека само преку ТАВ програмата се реализираат проекти во речиси сите општини и плански региони во земјава во вредност од 49,7 милиони евра.
Градоначалникот Георгиевски посочи дека станува збор за најголемиот капитален проект започнат во Општина Гази Баба во последните 22 години.
-Граѓаните на Јурумлери со децении немаат канализациска мрежа. Од сега септичките јами за овие граѓани стануваат минато. Јурумлери доби вакум канализациска мрежа, модел избран поради нивото на подземните води кои ги има ова населено место. Тоа е најсовремен систем на канализациска мрежа и досега е единствен во државата и во регионот, рече Георгиевски.
Нагласи дека во првата фаза со средства на општината беше изградена препумпната станица и примарната мрежа на три краци со сервисни улици при што беа изведени 110 шахти за приклучок на домаќинствата. Во втората фаза е изградена пречистителна станица со средства од Светска банка, како и примарна мрежа во кракот еден со сервисни улици и примарна мрежа кон Дунак Маало.
-Во третата фаза која е поддржана од Владата со средства од ТАВ програмата се работи на приклучок за 440 домаќинства и изградба на 3.000 метри секундарна мрежа кон домаќинствата за овозможување на приклучок. Со средствата од Програмата ТАВ како и со дополнителни средства од општината ќе започне и асфалтирање на четири улици со сервисни краци онаму каде што ќе биде завршено приклучувањето, прецизира Георгиевски и додаде дека има средства да се заврши целиот проект.
Паралелно, како што рече, се гради и фекална канализација во населените места Трубарево, Гоце Делчев, Смилковци и Црешево, а ќе следи изградба и во Попово Маало и Страчинци.